Стремежот кон социјалната правда претпоставува општествена солидарност и подготвеност индивидуалните желби, потреби и копнежи да се подредат на заложбите за социјална еднаквост и поправеден однос кон животната средина, на пример.
Подготви: НАТАША МАЛИНКА МИНОВСКА
Несомнено е дека правдата е една од највисоките општествени вредности, во сите цивилизирани заедници. Истовремено, може да се каже дека таа е и општествен идеал, најважна цел кон која се стреми секое современо, демократско и организирано општество. Но, што значи поимот социјална правда, кој е речиси секојдневно употребуван во општествено-политичките дискурси?
Социјалната правда претставува еднаков и праведен однос помеѓу поединецот и општеството, определба за еднакво достоинство и еднакви можности за живот. Таа не е само етички императив, туку и темел на стабилноста и глобалниот просперитет.
Суштината на актуелното сфаќање на социјалната правда се однесува на концептот, според кој поединецот има еднакви права и еднакви економски, политички и социјални можности. Најважната улога на државата е да обезбеди благосостојба и права на сите свои граѓани, без оглед на општествениот слој на кој што му припаѓаат (сиромашни или богати).
Социјалната правда претпоставува обезбедување еднакви услови и еднаква можност за праведна распределба на општествените ресурси, врз основа на четирите принципи: еднаквост, праведен надомест според учинокот, праведно задоволување на потребите и принцип на еднаква можност.
Рамноправниот пристап и еднаквата можност за одлучувањето и учествување во политичкиот, економскиот и културниот живот, е предуслов за економски просперитет на државата кон кој, сите придонесуваат и имаат своја корист. Тоа е тесно поврзано со почитување на човековата личност, човековите права и слободи, еднаквост на сите.
Сето тоа е поврзано и со човековата (општествената) солидарност, хуманистички идеал, кој подразбира поврзаност, воспоставување односи на заедништво, надополнување, меѓусебна зависност, помош и поддршка.
Стремежот кон социјалната правда претпоставува општествена солидарност и подготвеност индивидуалните желби, потреби и копнежи да се подредат на заложбите за социјална еднаквост и поправеден однос кон животната средина, на пример.
Социјалната правда ги третира заемните права и должности на општествените групи и нивните членови и во однос на општото добро, кое што се однесува на она што е заедничко и корисно, погодно и достапно за сите членови на заедницата.
Значењето на оваа тема и нејзиниот интернационален карактер, се потврдува со резолуцијата на Обединетите нации донесена на 62 заседание на Генералното собрание во ноември 2007 година, со која 20 февруари е прогласен за Меѓународен ден на социјалната правда.
,,Социјалната правда е можна единствено во општествата каде што се почитуваат сите човекови права и темелни слободи”- се нагласува во резолуцијата на Обединетите нации. Целта на одбележувањето на овој ден е поддршка кон напорите за искоренување на сиромаштијата, обезбедување на достоинствена работа, рамномерен пристап до општествените добра, рамноправност на половите, постигнување на социјална сигурност и правда за сите.
Сите членки се согласни со констатацијата дека социјалниот развој мора да се темели на правда, солидарност, склад и еднаквост помеѓу сите земји и во секоја од нив, а социјалната правда, еднаквост и праведност ги сочинуваат темелните вредности на општествениот живот. Економскиот раст нужно треба да промовира праведност, социјална правда, егзистенција за сите во општество кое е ориентирано кон правда и почитување на човековите права и слободи.
Државите членки се согласни дека одбележувањето на овој ден би можело да придонесе за дополнително зацврстување на напорите на меѓународната заедница за искоренување на сиромаштијата, да ја зголеми грижата за достоинство на работата, еднакви можности и праведен пристап до општествените добра и правда за секој човек.
Линкови:
https://www.un.org/en/observances/social-justice-day
https://www.un.org/development/desa/dspd/international-days/world-day-of-social-justice.html
https://ec.europa.eu/info/strategy_hr
http://www.udruga-institut.hr/20-veljace-svjetski-dan-socijalne-pravde/