Претседателот Стево Пендаровски денеска ја потпиша Декларацијата за деца, млади и климатска акција. На потпишувањето присуствуваа млади активисти кои учествуваа на Младинскиот самит за климатски промени во Скопје, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција ДиЏовани.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, по повод потпишувањето на Декларацијата се одржала и тематска дебата на која се дискутирало за обврските што произлегуваат од годинашниот Самит за климатски промени COP26 во Глазгов, тековните активности што се преземаат од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање и следните чекори на национално ниво.
Младите активисти, како што се наведува, дискутирале за можностите за нивно пошироко вклучување во процесите на одлучување и креирање на политиките за климатски промени и изразиле интерес за мерките што се преземаат со цел заштита на шумите, редукција и превенција на отпадот и подобрување на квалитетот на воздухот.
Претседателот Пендаровски го поздравил ентузијазмот на младите и истакнал дека оваа Декларација нè потсетува дека еден од главните мотиви за справување со климатските промени се токму децата и младите, односно нивното право на безбедна клима и здрава животна средина.
– Мора да создадеме простор младите како најинформираната и најдигитализирана генерација да бидат вклучени во справување со еколошките проблеми и да го кажат своето мислење за климатските политики, порачал претседателот Пендаровски, додавајќи дека особено важно е подигнувањето на јавната свест и обучувањето на младите, за што е неопходно интегрирање на климатските и еколошки аспекти во Националната стратегија за образование, односно во наставните програми.
Министерот Нуредини ги споделил националните климатски амбиции и ги охрабрил младите активно да учествуваат во донесувањето на првиот закон за климатска акција со кој правно ќе се трасира патот кон јаглеродната неутралност на земјава.
Претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани, поздравувајќи го потпишувањето на Декларацијата, истакнала дека овој документ ги прикажува заложбите на земјите да ги земат предвид потребите, правата и перспективите на децата во политиките за климатски промени на сите нивоа.
–Потпишувањето на Декларацијата е важен момент што следи по Младинскиот самит за климатски промени, каде што ги слушнавме младите луѓе, нивните грижи и повици за акција за заштита на животната средина. Истовремено, го покажува огромниот капацитет на децата и младите да бидат моќни агенти за промена, рече ДиЏовани, додавајќи дека климатската криза е криза на детските права.
Северна Македонија се приклучи на триесетина европски земји-потписнички на Декларацијата за деца, млади и климатска акција, која е усвоена на Самитот за климатски промени во Мадрид во 2019 година. Една од целите на Декларацијата е да се зголеми учеството на децата и младите во процесите за ублажување и адаптација на климатските промени, преку поголема едукација за климатските промени и животната средина, како и стекнување на знаења и вештини потребни за да се заштитат себеси и да придонесат за безбедна и одржлива иднина.
За време на посетата на Кабинетот, во рамки на програмата „Отворен кабинет“, младите активисти беа запознаени со историјатот на објектот, со дел од активностите што се реализираат, како и со начинот на функционирање на оваа институција. Имаа можност да ги посетат просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби, како и салите за свечености, состаноци, настани и прес-конференции.
This post is also available in: English