ЗОРАН ИВАНОВ
Речи си и да нема празник било каков, а да не се случи некаков инцидент. И тоа онака, спонтано организиран. Да провоцира, да разделува, да го расипе празничниот ќеиф.
Така и сега за Водици. Во центарот на Скопје, веќе нешто како традиција, Владиката на мостот, момчињата во Вардар. Се фрла крстот, се осветува водата, се фаќа среќата. Овој јануари колективно. Фаќачите однапред си се догвориле да нема „победник“. Среќата да им припаднела на сите.
Знаел ли Владиката за ова, не знаел ли, во темава е неважно. Направен е преседан. Традицијата вели дека фаќањето на крстот е натпревар, а не договор. Но нејсе. Годинава во Скопје договорот е направен и надграден и за тоа подолу. Сега само кусо потсетување:
Традицијата упатува во времето скопско од пред седумдесетина годни кога на Водојавление од дрвеното пешачко мовче кај старото, кај најстарото сајмиште и кај стариот и сега обновен Народен театар, пред бројни верници, во студениот Вардар скокаа само по двајца, тројца скопјани.
Локалниот поп ќе го фрлеше крстот во тогаш бистрата вода, ќе испоскокаа смелите скопјани, ќе му го вратеа крстот на локалниот поп кој насобраните верници ќе ги испопрскаше со осветената вода, среќниот фаќач ќе ја споделеше радоста со присутните и толку.
Сето домаќински, свечено, а скромно. И тивко и малку мистично. Пред кандилце и пламенче дома секој ќе си оставеше по шишенце од осветена вардарова вода. Онака за здравје за цела година како и што прилега на денот на крштевањето на Светиот Отец во Светата река Јордан. Ниту галама, ниту бука, ниту спонзори, ниту телевизори. Ниту политики.
Денес, годинава, како и во претходните плуралини, се`на куп. И вера и политика.
Подземни пагани инструираа десетина заблудени момчиња веќе израснати на прагот на мажи, подготвени и навежбани на суво, наместо со љубов за светото Исусово крштевање, продадоа магла, расфрлаа пизма. Го избербатија светиот ден и светиот настан. Го исфлекаа со политика. Поплукаа по Исус, го урнисаа духот на верата.
Извинувањето од Владиката, организаторот на настанот, вообичаено изостана. И институцијата Црква уште не се огласи да поучи и да порача дека верата не е политика и дека алтернатива на хорското „никогаш северна“ неизбежно е „секогаш поранешна“.
Изборот е тој – или никогаш северна или секогаш поранешна.