Првите количини линдан од малата депонија во ОХИС вчера заминаа за Франција. Вкупно 477,1 тони отпад од HCH ископани и спакувани во 1936 буриња и натоварени во седум контејнери и 126,37 тони почва загадена со линдан, спакувана во контејнери, со товарни возила ќе бидат транспортирани до Солунското пристаниште во Грција од каде со брод HCH отпадот ќе биде транспортиран за Франција, а контамираната почва за Холандија, информираа од Министерството за животна средина.
Чистењето на малата депонија почна во април годинава, откако, претходно речиси една година се поставуваше заштитниот шатор, се обезбедуваше потребната механизација и се вршеа обуки за работниците кои ќе го спроведуваат чистењето. Се очекува малата депонија да биде исчистена за една година, а од Министерството најавуваат дека, доколку работите се одвиваат со оваа динамика, можеби и до крајот на годината.
Опасниот пестицид во ОХИС е несоодветно складиран во најмалку две депонии во кругот на фабриката и една во месноста Пеленица кај Драчево. Погонот за линдан во фабриката работел од 1964 до 1977 година, кога било прекинато од еколошки причини. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што резултирало со околу 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани и кои до денес се опасност за контаминација на воздухот, водите и почвата.
Во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, министерот за животна средина, Насер Нуредини, информираше и за идните планови на министерството, пред сè како најголем проект ја најави пречистителната станица за отпадни води во Скопје, како и во Битола и Тетово.