Во извештајот на Европската комисија, во Поглавјето , Основи за пристапниот процес, во делот „Економски критериуми“, се вели дека Владата обезбедува низа финансиски иницијативи за поддршка на приватниот сектор во неговите напори за позеленување, вклучувајќи го неодамна усвоениот План за забрзан раст (2022-2026), кој предвидува два фонда за финансирање проекти за зелена економија.
Планот за забрзан раст 2022-2026, што Владата го усвои во октомври 2021, поддржува инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор, концентрирани во повеќе приоритетни области како зелена економија, дигитализација, иновациите и технолошкиот развој, развојот на физичката инфраструктура и човечки капитал, во износ од 12 милијарди евра и со обезбедување на 156.000 работни места.
Потребата од воведување на моделот на циркуларната (зелена) економија, Европската комисија (2017 година) го има преточено во документ наречен „Манифест за Европа со ефикасни ресурси“ (Manifesto for a Resource-Efficient Europe), во кој јасно е нагласено дека „во светот со растечки притисок врз природните ресурси и животната околина, Европската унија нема друг избор освен да тргне по патот на транзиција кон ресурсно ефикасно и во крајна линија регенеративен модел на циркуларната економија“.
Во овој контекст критиката Европската комисија кон Северна Македонија оди во насока на потребата од значително засилување на амбициите во однос на зелената транзиција, особено во контекст на Зелената агенда за Западен Балкан. Односно, забрзување на напорите за намалување на загадувањето на воздухот на локално и национално ниво и намалување на точкастото и дифузното загадување на слатководните ресурси; да се спроведат мерки за воспоставување регионален систем за управување со отпад, особено во источниот и североисточниот регион; спроведување на Парискиот договор, вклучително и со усвојување на Закон за климата, во согласност со рамката на ЕУ 2030 година.
Зелената транзиција во Македонија се фокусира на обезбедување пристап до поевтино финансирање за мали и средни претпријатија, како и за физички лица и домаќинства (вклучително и кредитоспособни лица од недоволно опфатени социјални групи) за инвестиции во обновливи извори на енергија и во решенија за енергетска ефикасност.
Преку Заедничкиот фонд за Целите за одржлив развој се обезбедуваат 7.9 милион долари со воспоставувањето на програмата со вкупна вредност од 46.5 милиони долари, вклучувајќи го и очекуваното кофинансирање од повеќе партнери. За да и помогнат на земјата во борбата против загадувањето на воздухот и климатските промени, покрај три организации на Обединетите нации (ОН) -(Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, Меѓународната организација за миграции – ИОМ, и Економската комисија за Европа на ОН), вклучени се и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и повеќето приватни банки во земјата.
Зелената транзицијата преку зголемено производство на енергија од обновливи извори (особено соларна енергија) и воведување на енергетска ефикасност во згради и домови е една од клучните стратешки цели во овој контекст на Владата.
Инструментот за зелено финансирање (GFP), пак, треба да обезбеди зголемен пристап до средства за инвестиции во обновливи извори на енергија и во енергетска ефикасност кај малите и средните претпријатија и кај домаќинствата. Со воведување на овој инструмент, се очекува да се постигнат заштеди во висина од 70,068 мегават-часови на годишно ниво, избегнување на 80,510 тони CO2- емисии, како и 10.7 мегавати во нов производствен капацитет од обновливи извори на енергетика.
Новиот Инструмент за зелено финансирање се очекува дека ќе биде целосно оперативен до крајот на годината.
Во меѓувреме, во Извештајот на ЕК се наведува дека изменетиот национален акционен план за обновлива енергија е во согласност со ревидираната обврзувачка цел од 23 % од енергијата да доаѓа од обновливи извори на енергија до 2020 година и 24 % до 2025 година. Во 2020 година, земјата постигна само 19,3 % учество. Законот за енергија е умерено усогласен со директивата за обновливи извори на енергија.
Ограничувањето на капацитетот по тип на технологија за обновлива енергија треба да се отстрани за да се овозможи постигнување на целите за обновлива енергија до 2025 година. Во извештајот се констатира и дека на потрошувачите на електрична енергија им е овозможен правилникот за обновливи извори на енергија, но негов имплементација недостига поради неколку административни пречки.
„Транзицијата кон чиста енергија бара координација, вклучувајќи механизам за управување, акционен план и механизам за следење за процес на „праведна транзиција“. Овој процес треба да вклучи ублажување на негативните социјални и економски влијанија од планираното затворање на електрани на јаглен во соодветните региони“, е препораката на ЕК за наредната година.