Постојаниот координатор на Обединетите нации во Северна Македонија, Росана Дуџак упати видео порака како дел од напорите на Обединетите нации за зголемување на свеста за потребата од поголемо внимание кон климатските промени и заштитата на животната средина.
Дуџак испраќа апел до сите граѓани, групи, организации и институции активно да се вклучат во Акцијата за справување со климатските промени, како и во заштита на животната средина.
„Со зголемените поплави присутни низ целата планета во изминатите неколку месеци, сушите, рекордно високите температури, со сето евидентно нарушување на климата и губење на биолошката разновидност, со загадувањето на воздухот со кое се соочуваме и со загадувањето на почвата и водата околу нас, јасно е дека не е прашање кога климатските промени ќе влијаат на нас, туку што можеме СЕГА да направиме за да ги ублажиме“, вели Росана Дуџак.
Во блогот Дуџак ги повикува сите да се приклучат и да покажат дека се грижат.
Видеото е дел од новоотворената кампања (#ICare) за зголемување на свеста за важноста на климатските активности и заштитата на животната средина за нашите животи.