Од војната во Украина Европа ја научи најважната и скапо платена лекција за неопходноста за енергетска само-одржливост, за диверзификација на изворите за снабдување со енергија и за енергетска независност, рече денеска поранешниот премиер Зоран Заев на предавањето на тема „Енергетската и инфлациската криза“ што денеска се одржа на Универзитетот на југоисточна Европа.
Заев нагласи дека на Европа ќе и биде тешко оваа зима и во зависност од степенот на последиците, и до крајот на идната година. Но, Европа веќе спроведува стратегија за енергетска независност преку Зелената агенда, и во оваа ситуација само ќе треба да ја забрза имплементацијата на планираните активности и капацитети.
Заев посочи дека ЕУ вложува сериозни инвестиции во обновливи извори на енергија, ветерни електрани и фотоволтаици, а Европа ги отвора пристанишните капацитети за терминали за ЛНГ, односно течен гас.
„Овие излезни решенија ќе ја свртат Европа кон другите големи ресурси на енергенси како што се Азербејџан, Катар, САД и други земји“, рече поранешниот премиер Зоран Заев на предавањето на тема што денеска го одржа на Универзитетот на југоисточна Европа.