Според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), глобалната енергетска криза предизвикана од руската инвазија врз Украина може да ја забрза енергетската транзиција. Покрај краткорочните заштитни мерки за потрошувачите од растот на цените, кризата доведе до тоа многу земји сега да се обидуваат да ги забрзаат структурните промени, пишува ИЕА во својот годишен извештај претставен во Париз. Доколку се остварат плановите, инвестициите во чиста енергија би можеле да се зголемат за 50 отсто до 2 трилиони долари годишно до 2030 година, пренесува Дојче Веле.
Агенцијата ја нагласи потребата за масовно вложување во чиста енергија, без разлика дали е зелена или нискојаглеродна, како што е нуклеарната. Таа се залага и за забрзување на употребата на електрични батерии (за автомобили) и фотоволтаични уреди и електролизатори кои ќе произведуваат водород наменет специјално за декарбонизација во индустријата.
„Потребни се големи меѓународни напори за да се премости загрижувачкиот јаз кој се шири меѓу напредните економии и земјите во развој“, во смисла за вложување во чиста енергија, се додава во извештајот на ИЕА.
ИЕА денеска меѓу другото објави и дека веќе во 2025 година се очекува врвот на глобална емисија на гасови со ефект на стаклена градина, поради длабоката енергетска криза предизвикана поради руската инвазија на Украина.
„Глобалната енергетска криза предизвикана поради руската инвазија на Украина предизвика длабоки и долгорочни промени кои имаат потенцијал да го забрзаат преминувањето на поодржливи и побезбедни енергетски системи“, се наведува во извештајот на ИЕА, со седиште во Париз, јавува Дојче Веле.