Државната програма за инвестирање во животната средина за периодот 2019-2021 година има реализација од 62,7 отсто, а средствата од буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖССП) не се доволни за финансирање на активностите во областа воздух и заштита на природата. Само 37 отсто од општините имаат приходи по основ на надоместоци за управување со отпад. Ова се само мал дел од серијата забелешки што ги нотира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во најновиот извештај за извршена ревизија на успешност на тема „Даноците за животна средина во функција на ефективно спроведување на политиките за заштита на животната средина“.
Ревизорите констатирале дека стратешката и нормативната рамка во делот на животната средина обезбедуваат одреден напредок во однос на спроведување на политиките, но истиот е недоволен за унапредување на квалитетот на животната средина и рационално користење на природните богатства. Утврдено е отсуство на интегриран пристап во решавањето на проблемите со животната средина на национално и локално ниво.
ДЗР заклучил дека не секогаш се почитува принципот „загадувачот плаќа“ при утврдување на висината на надоместоците за загадувачите.
„Надлежните субјекти не го пресметуваат варијабилниот дел на надоместокот за испуштање на води, утврдени се фиксни износи на надоместоците за управување со отпад, надоместоците за поседување на интегрирана еколошка дозвола не се движат во законски определените рамки по емисиони точки, а општините немаат еднаков пристап при утврдување на основата за пресметка на надоместокот за услугите за собирање, транспортирање и депонирање на комунален отпад“, се наведува во ревизорскиот извештај.
Ревизорите утврдиле дека нема единствен информационен систем кој ќе ги содржи информациите и податоците од сите институции за пресметката и наплатата на надоместоците, а Државниот инспекторат за животна средина нема законска надлежност за санкционирање на обврзниците кои не го платиле надоместокот.
Забелешки од ревизорите има и за неостварените приходи во државниот буџет од 2020 година до денес кај надоместоците за користење и испуштање на води во висина од 101,6 милиони денари, а се критикува и за процентот на неприходувана вода од 60,46 отсто кој е повисок од просекот на земјите во ЕУ кој изнесува 30 отсто.
„Поради не издадени/ненавремено издадени решенија за плаќање на надоместокот за поседување на А-интегрирана дозвола, ненавремено и нецелосно утужување, заклучно со 31.12.2021 година, остварени се помалку приходи и во буџетот на МЖССП, односно, ненаплатени се побарувања од 9.453 илјади денари, а отпишани се 30.273 илјади денари“, стои во извештајот на ревизорите.
ДЗР констатираат дека Централната лабораторија за животна средина не е целосно акредитирана, додека ревизорите не можеле да обезбедат показател за степенот на искористеност на средствата од надоместоци за животна средина во однос на финализирање на активностите од областа на животната средина.
„Средствата од буџетот на МЖССП не се доволни за финансирање на активностите во областа воздух и заштита на природата, а на локално ниво, планираните средства за заштита на животната средина не обезбедуваат реализација на планските документи и спроведување на активности во приоритетните зони и агломерации“, критикуваат ревизорите.
Ревизорите им препорачуваат на МЖССП и Владата да ги преиспитаат можностите за продолжување на финансирањето на мерките за намалување на аерозагадувањето преку Програмата за намалување на аерозагадувањето, но и да ги интензивираат активностите за воспоставување на единствен систем за евиденција на надоместоците на животната средина, додека една од препораките за општините е да вршат навремена и целосна наплата на надоместокот за управување со отпад.
ДЗР има дури 18 препораки до МЖССП, Владата, Државниот инспекторат за животна средина и општините кои треба да ги спроведат во наредниот период, а во функција на подобрување на системот за управување со животната средина, администрирање на даноците за животна средина и нивниот придонес за спроведување на политиките.
извор: МЕТА