„Сигурни сме дека климатските промени се случуваат – најпосле, тоа се гледа. Меѓутоа, проблемот е во тоа што овие проблеми не сме ги предизвикале ниту вие ниту јас, ниту мојата партија, па ниту мојата држава. За мене е најважно да направиме локални и самоодржливи заедници во кои производството и економијата ќе бидат во чекор со природата“.
Со Алан Лучани разговарав во неговиот одборнички клуб, во собранието на Падова, универзитетски град на северот од Италија. Спортски облечен, со сако помалку вештачки задолжено за сериозност, овој политичар не остава впечаток на елитист. Веќе има десетина години искуство во политиката, па во текот на разговорот го поздравуваат повеќе избраници од разни партии. Искуството му донело и меѓународни контакти, иако признава дека многу повеќе ужива во работата „на терен“: учество во локални еколошки иницијативи.
Сето тоа звучи како промотивна приказна за некој локален политичар – освен што Алан е член на радикално десната Лега, позната по својот лидер и поранешен министер за внатрешни работи на Италија, Матео Салвини.
Интересот на радикалната десница за климатските промени и заштитата на животната средина, кој се согледува и во еколошкиот активизам на Алан, и не е некаква новост. Одамна е познато дека радикалната десница стана дел од политичкиот мејнстрим и дека ставовите кои ѝ се блиски, како желбата за водач со цврста рака, етнонационализмот, антиимигрантските ставови и отфрлањето на модерната и глобализацијата се дел од политичкиот мејнстрим шиурм светот.
Лега на Салвини е дел од власта во моментов, а тоа беше и во минатото: како унгарски Фидес, австриската Слободарска партија, Шведските демократи но и индиската БЈП, на чело со премиерот Нарендра Моди. Фактот дека радикалната десница изминатава деценија успеа да се дограба до лостовите на власта ширум светот, отвори пат и за проширување на сферата на влијание, од традиционалните теми како миграцијата, корупцијата и културата до новите, меѓу кои е и заштитата на животната средина.
Едно неодамнешно истражување покажа дека четири од пет радикално десни организации во Европа имаат некаков вид еколошка програма, декларација или манифест. Истовремено, негирањето на постоењето на климатските промени по што беа познати овие партии, ѝ отстапи место на „меката“ скепса. Ваквиот „да, но“ скептицизам се согледува во начелното прифаќање на климатските промени но со тенденција острицата на радикалните и скапите еколошки политики за општеството максимално да се ублажи со „рационални“ но недоволни решенија за навремена зелена транзиција.
Можеби врската на радикалната десница и екологизмот делува ново или вештачки предизвикана од „стратешки“ мотиви, како привлекување на помладите гласачи на кои заштитата на планетата (но и нацијата) им е блиска до срцето. Меѓутоа, самите почетоци на еколошката мисла се поврзани со политичката десница и романтизмот: Ернст Хенкел, германски природник и творец на поимот „екологија“, беше националист. Во таквиот романтичарски занес и антимодерната тенденција за прочистување на нацијата затруена од неслогата но и индустријализацијата, следбениците на Хенкел ширум светот мечтаеја за општество со јасна хиерархија, но и општество во кое секој припадник на нацијата би живеел во склад со апстрактните „закони на природата“. До денешен ден, позициите на ваквиот ултрадесен екологизам не се променети суштински.
Токму заради оваа историска врска често не е лесно да се разликуваат овие позиции од центристичките или левоориентираните зелени. Заштитата на природата сè уште се претставува како заштита на нацијата, обврска кон предците но и идните поколенија: меѓугенерациската одговорност и етатистичките обланди им се слатки и на оние кои не ѝ припаѓаат на десницата, па вакви изјави можат да се најдат ширум идеолошкиот спектар.
Во заштитата на природата во десниот регистар забележливи се и популистички сентименти. Примерите се бројни: од Герт Вилдерс во Холандија до Виктор Орбан во Унгарија, каде лидерите на радикалната десница на своите граѓани (гласачи) им ветуваат дека вредните луѓе нема да ја платат цената на енергетската транзиција. Иако екопопулистичките тенденции кои се карактеристични за масовните еколошки протести тежнеат кон обединување на граѓаните со мошне разновидни политички ставови и интереси, повикување на „луѓето“ и „народот“ остава доволно простор и за десна интерпретација.
Некогаш намерите на десницата (радикалната) на еколошкиот терен се согледуваат во колку што е можно побрза економска и технолошка модернизација, која сама по себе ќе го реши проблемот со загадувањето на повеќе фронтови. Од друга страна, верата во еколошките месии, кои истовремено се и магнати, како Илон Маск, Ричард Бренсон, Џеф Безос или Бил Гејтс (чудно, сите бели мажи), не е само карактеристика на десницата.
Бришењето на границите помеѓу десниот и другите екологизми особено ги погодуваат таканаречените „меки“ еколошки теми кои му припаѓаат на еколошкиот корпус но само индиректно се однесуваат на заштитата на животната средина. Прегратките на Марин Ле Пен, лидерката на францускиот „Национален собир“, со својата мачка ги преплавија социјалните мрежи, како и инсистирањето на Салвини на поостра казнена политика во случајот со насилството над животните.
Слично е и со десничарската преференција за малите земјоделски бизниси како столб на семејството: бидејќи овие бизниси се поволни за агроеколошката практика, како што е органското производство, радикалната десница често знаеше да соработува со зелените партии на еколошки теми. Иако оваа соработка често поминуваше „под радарот“ на јавноста, таканаречениот „санитарен кордон“ кој би ја изолирал радикалната десница во парламентарниот живот е тешко одржлив при формулација на еколошките политики.
Колкаво е влијанието на десницата?
Токму во тоа е и „финтата“. Очекувањето дека радикалните десничари, а особено еколозите ќе носат униформи и свастики може да доведе до два, подеднакво опасни исходи.
Еден е ублажување на штетноста на радикалната десница која ќе доведе до нормализација на овие аргументи и во еколошкиот дискурс и до колонизација на самите еколошки движења од страна на авторитарните националисти.
Другиот исход е спротивен, односно создавање колективна параноја и „лов на вештерки“ кој лесно може да го уништи еколошкото движење, особено во земјите од Балканот во кои тој е во развој. Најпосле, оваа теза ги прикажува еколозите како прикриени фашисти кои ќе ја искористат оваа можност да ги испратат во концентрациони логори оние кои не чистат ѓубре во недела или користат пластични сламки. Во малку поблаг облик означува тревога против еколошкиот национализам кој, за некое чудо, ќе ја преземе платформата на зелените.
Наспроти хистеријата, во предизвиканата потреба на политичарите, истражувачите и НВО секторот за медиумско внимание, односно привлекување финансиски средства за изведување проекти кои ќе се занимаваат со фашистичкиот бауч, радикалната десница во светот е во фаза на стагнација или дури повлекување. Тоа секако влијае и на еколошката димензија која, иако препознаена, никогаш не била во фокусот на радикалната десница, ниту честа причина заради која гласачите би се определиле за вакви партии.
Постоењето на радикално десничарски екологизам и неговата повремена блискост со позициите на еколозите е потврда на фактот дека екологијата не е „природно“ лева колку што не е ни десна. Заштитата на животната средина претставува комплексен збир на ставови и политики кои се отворени за различни идеолошки интерпретации, меѓу другото и од либертаријанците, социјалистите, анархистите, конзервативците но и – радикалната десница.
Тоа само значи дека во еколошката политика, барем од идеолошки аспект, нема ништо априорно и однапред јасно: еколошкото движење ќе биде толку здраво и успешно колку што темелно ќе се преиспитува во контекст на новите предизвици. Еден од тие предизвици е и учеството на десницата во креирањето на еколошките политики.
Балша Лубарда
Превод: Алек Кузмановски / Окно.мк
Извор: https://klima101.rs/