Неделата на циркуларната економија на Западен Балкан ќе се одржи од 22 до 26 мај, под мотото „Партнерство за циркуларност“. Веќе се во тек забрзаните подготовки на голем број истовремени активности во поголем дел од земјите на Западна Балкан, што ги спроведува регионалната мрежа ЛогЕкс (Logex), формирана на иницијатива на угледната тинк-тенк организација Балкан Форум од Косово.
ЦИВИЛ, преку својата организациска единица Зелен Цивил, е активна членка на мрежата и веќе втора година по ред учествува во организирањето на Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан.
Неделата на циркуларната економија е уникатна регионална иницијатива, преку која мрежата ЛогЕкс се обидува да придонесе кон трансформацијата на пристапот на Западен Балкан кон одржлив развој, преку промовирање и спроведување на циркуларни економски практики.
Настаните на Неделата на циркуларната економија изобилуваат со промоции на иновативни идеи, креативни решенија и одржливи практики кои имаат потенцијал да ја обликуваат иднината на регионот. Веќе се најавуваат настани, конференции и иницијативи со различни формати каде што учесниците од различни земји, организации и институции ќе се поврзуваат, соработуваат и ќе учат едни од други. Целта е да се здружат напорите за изградба на посилна циркуларна економија која ќе доведе до намалување на невработеноста и иселувањето од Западен Балкан.
Заедницата LogEx е основана во декември 2021 година. Тоа е партнерство за циркуларност посветено на премостување на јазот меѓу високото образование и пазарот на трудот во Западен Балкан. Преку заеднички акции, мрежата се обидува да изгради човечки капитал, да ја зајакне циркуларната економија и да промовира одржлив развој, со што се создава подобра иднина за регионот и пошироко.
Зелен ЦИВИЛ