Во октомври 2024 година се очекува да започне изградбата на современите регионални депонии за Полошкиот регион, која треба да се гради кај Русино, Гостивар и за Југозападниот и Пелагонискиот регион што ќе биде лоцирана на дел од површината на досегашниот рудник за јаглен „Суводол“ во битолско Новаци.
Во моментов се подготвува тендерската документација за претстојните четири меѓународни тендери – по две постапки за набавка и две за градба. Единицата за имплементирање на проектот за регионалните депонии во рамките на Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со експертите за техничка помош обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) работат на неопходната документација.
„Се очекува до крајот на 2023 година да се распише повикот за набавка, а до првата половина на 2024 и за градба“, информираат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Изградбата на двете современи регионални депонии по стандардите на ЕУ ќе се одвива паралелно за Полошки и за Југозападен-Пелагониски регион. Освен дека почетокот на градбата се планира за октомври 2024 година, од Министерството за животна средина информираат дека овие капитални инфраструктурни објекти би биле готови до јануари 2027 година.
Воедно, третата регионална депонија која треба да се гради во Општина Василево ќе започне со реализација подоцна, бидејќи за Југоисточниот и Вардарскиот регион ќе треба најпрво да се изработи неопходната планска документација. Дури потоа, би се подготвиле тендерите за набавка и за градење на оваа депонија.
Со реализацијата на претстојниот проект треба да се стави крај на постојното загадување на воздухот, почвата и водите од нестандардните општински депонии. Најдрастичен пример за загадување, чија состојба будно ја следи и УНЕСКО, е охридската депонија „Буково“, која само пред неколку дена беше запалена и предизвика проблем со аерозагадувањето во Охридскиот и Преспанскиот регион. Друг сериозен проблем е битолската депонија „Мегленци“, која во минатото беше и на насловните страници на светските медиуми за тоа како свињи се прехрануваат со отпадот од оваа депонија. Големи проблеми во изминатиов период имаше и со струшката депонија, но и со гостиварската депонија „Русино“.
Европската Унија со години наназад реагира до македонските власти за одолговлекување на имплементацијата на регионалните системи за управување со отпад. И од Европската Комисија со години во извештаите за напредокот на евроинтеграциите на Северна Македонија се нотираат идентичните забелешки за проблемот со отпадот и депониите.
„Ургентно ги повикуваме институциите да поработат на имплементацијата, за проектите успешно да се реализираат на терен за да имаме видлив ефект во справувањето со сериозниот проблем на управување со отпадот“, изјави шефот за соработка на Делегацијата на ЕУ во земјава, Стефен Худолини на почетокот од јуни годинава.
Македонската влада позајми 55,3 милиони евра од ЕБОР, со кои треба да се изградат новите депонии во петте региони. Станува збор за капитални објекти кои треба да бидат целосно оградени, изградени по технологија која ќе оневозможи контакт на складираниот отпад со почвата и околните води, а за чие управување ќе треба да се грижи посебно јавно меѓурегионално претпријатие основано од сите општини во рамките на еден регион.
Покрај депонијата по ЕУ стандарди, со заемот од ЕБОР ќе се изградат и претоварните станици за отпад низ општините во овие пет региони, а за сите локални самоуправи од Полошкиот, Пелагонискиот, Југозападниот, Вардарскиот и Југоисточниот регион ќе се набават контејнери за селекција на отпадот, комунални возила за транспорт на отпадот и соодветна опрема за јавните комунални претпријатија.
Заедно со заемот од ЕБОР, за воспоставување на регионалните системи за управување со отпад во петте региони ќе има и финансиска поддршка од Инвестициската програма за Западен Балкан (WBIF) на ЕУ во висина од 22,3 милиони евра. Дополнително, за Полошкиот регион и тамошната депонија во „Русино“ обезбедена е швајцарска финансиска поддршка што ќе биде распределена за финализирање на рехабилитацијата на оваа депонија и за понатамошен развој на институционалното управување на регионално и локално ниво во секторот.
Инаку, со изградбата на трите регионални депонии во овие пет региони ќе се овозможи современо управување на отпадот за околу 1 милион жители во земјава, а од Европската Унија воспоставувањето на регионалните системи за управување со отпад го оценија како еден од националните приоритети во процесот на преговорите на Северна Македонија за зачленување во ЕУ.
извор: МЕТА