Поповска: Грд политички пазар и купопродажба на волјата на граѓаните!

Не бевме свесни дека е можно вакви работи да се случуваат, ‘бомбите’ ни ги отворија видиците, на сите граѓани мислам... Ни покажаа едно грдо лице на реалноста, егзистенцијалната загрозеност на луѓето - од моќните партии во власта. Практично, изгледа како во нивни раце да е целиот живот на граѓанинот, и ако си малку послаб, и ако попуштиш, веднаш ќе те уништат, ќе бидеш нивен роб“, вели во изјавата за ЦИВИЛ Медиа, претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се програмските определби на вашата партија во поглед на социјалната правда?

ПОПОВСКА: За ДОМ, како зелена партија, социјалната правда е еден од водечките принципи. За таа да се обезбеди, општеството треба да ги почитува човековите права, да обезбеди еднакви можности за сите, толеранција на различностите и недискриминација. Како партија се залагаме за интегриран систем на социјална заштита во кој ќе се обезбедат еднакви можности за живот, што значи, за образование, за напредување во кариерата, за вработување... Но, исто така, и еднакви можности и услови за социјална и здравствена заштита, пристап до културата и можности за квалитетен живот и слободно време. За ова да го постигнеме најпрвин треба да се постигне слободен пазар на трудот. Да може секој, во еднакви услови, да обезбеди работа, да не му треба ниту партиска книшка, ниту било каква друга припадност или подобност за таа цел. Понатаму, потребно е да се зголемат примањата и платите коишто се несоодветно ниски наспроти трошоците, но исто така, и сите социјални услуги и трансфери треба да овозможат нормално живеење и функционирање, со еден достоинствен живот. Друга маана која што ја имаме во општеството во моментов се недоволно силните мрежи на социјална заштита коишто ќе бидат мобилни и ќе работат на терен.. Значи, не затворени во канцеларија. За таа цел ќе бидат ангажирани стручни, квалификувани лица од областа на социјалната заштита. Македонија веќе има доволно квалитетни кадри, меѓутоа, голем дел од нив остануваат без работа, а оние на кои им требаат нивните услуги, остануваат без нив.

Понатаму, многу е важно да се обрне внимание на ранливите категории во општеството. Тоа значи дека треба да има посебни програми и посебни мерки и средства за бездомниците, за лицата со посебни потреби, треба конечно да се заврши процесот на обезбедување пристапност во секој објект. Потоа, треба да има посебни програми за лекување и реинтегрирање на лицата што употребуваат дроги. Потоа, неопходни се особено ефикасни програми за ромската популација, Декадата на ромите ја поминавме без ефективно да се искористи и сé уште остана голема сиромаштија во таа популација. И, една група во општеството која многумина сакаат да ја заборават, а се лица, подеднакво важни и еднакви, лица како сите нас, граѓани... Тоа се припрадниците на ЛГБТ-популацијата. Тие се веројатно и една од најдискримираните категории за коишто не се сака ни да се зборува, а тие луѓе си имаат сериозни проблеми и нивните права се сериозно загрозени. За нив треба да го смениме прво Законот за недискриминација, нешто за што со години се залагаме, но овој пат се надевам дека ќе има доволно критична маса и политичка волја тоа да се направи. Да се воведе сексуалната ориентација и родовиот идентитет во базите за дискриминација. Се разбира, има уште многу работи што треба да се дополнат за да се оформи овој интегриран систем на социјална заштита, но пред сé, ќе биде потребна политичка волја и ослободување од многу предрасуди и стереотипи.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се вашите сознанија за злоупотреби на социјално загрозените категории на граѓанки и граѓани во политички и изборен контекст?

ПОПОВСКА: Се случуваат злоупотреби и тоа од различна природа. Ги гледаме околу себе, веќе е почната кампањата, и веќе има уцени за зачувување на работното место, има случаи на купување на работно место, следиме дека има масовни вработувања, по стотина луѓе во една институција... Потоа, се прават уцени за добивање на социјална помош и различни социјални трансфери и услуги кои на луѓето им следуваат. Значи, уцените од една страна се со скратување на одредени права и помош која на граѓаните им следува според Уставот и според законите, а од друга страна, со ветување на одредени погодности и бенефиции. Сеедно дали се работи за добивање работно место или одредена помош, или за одредено напредување во работата или одредена услуга во поглед на кариерата. Сето тоа влегува во еден грд политички пазар и купопродажба на волјата на граѓаните и нивното право да одлучат како сакаат да и за кого сакаат да гласаат.

Посебно откако излеговме во опозиција, сведоци сме на многу грди работи што им се случуваат на членови на ДОМ, отпуштања од работа, уцени на оние што се на работно место, независно дали е тоа во јавниот сектор или во приватната сфера, се уценуваат дури и работодавачи да ги отпуштаат оние кои што се припадници на одредена политичка партија во опозиција! Не бевме свесни дека е можно вакви работи да се случуваат, ‘бомбите’ ни ги отворија видиците, на сите граѓани мислам... Ни покажаа едно грдо лице на реалноста, егзистенцијалната загрозеност на луѓето - од моќните партии во власта. Практично, изгледа како во нивни раце да е целиот живот на граѓанинот, и ако си малку послаб, и ако попуштиш, веднаш ќе те уништат, ќе бидеш нивен роб! Она што охрабрува е дека граѓаните излегуваат во борба, излегуваат да го кажат својот револт, излегуваат дури и во борба со институциите кои се докажа дека не се целосно независни и принципиелни, како што е судството, на пример. Имаме редица случаи од ДОМ, каде што луѓе кои беа избркани од работа, се жалеа и поради силината на аргументите, поради апсолутно неприфатливите причини поради кои што биле избркани или злоставувани на работа, дури и добија на суд. Имаме три случаи на наши членови кои што успеаја да добијат на првостепен суд. Е, сега, понатаму има други игри и други манипулации, меѓутоа како што почнаа, тие се храбри луѓе, верувам дека ќе се изборат. И конечно, сите очекуваат дека ќе се случат некои позитивни политички промени по кои судството ќе биде ослободено и професионалците правилно ќе судат и ќе обезбедат нормален живот за сите граѓани.

ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања за социјална правда се реално остварливи, а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите?

ПОПОВСКА: Огромен дел се поигрување со очекувањата на гласачите, затоа што нам би ни требале можеби десет буџети, вака надуени како овој последниов од три милијарди евра, за да може да се исполни сето она што владејачките партии го ветуваат во предизборието. Се ветуваат огромни примања, огромни услуги, вработувања на луѓето, нешто што реално не е возможно... Што е посакувано, меѓутоа не е возможно. На овој начин, се плашам дека граѓаните ќе бидат двојно изиграни. Од една страна, ќе гласаат за некого, за кого не сакаат да гласаат, поради ветување дека тоа ќе им обезбеди нормален и пристоен живот. Од друга страна, ќе бидат изиграни, затоа што нема да го добијат она што им е ветено. Мислам дека треба реално да се погледне во очи на она што го ветуваат  и што го нудат политичките партии. Во оваа ситуација, според она што до сега можевме да го слушнеме, сметам дека ветувањата од опозицијата се многу поразумни, димензионирани реално на нашите буџетски можности и на она што здравата логика и разум го налагаат дека навистина може да се оствари. Инаку, како примери, само да наведам, не е ли лажно ветување да се ветат стотици градинки кои што се потребни, кои што се одлични како идеја, меѓутоа истовремено во буџетот да немаш покритие за нив? Не е ли лажно ветувањето на лицата со ХИВ, да им се вети дека ќе бидат безбедни и спокојни од зараза, а истовремено да ја преполовиш сумата на средства во буџетот?! Сите тие се лажни ветувања коишто на крајот, водат кон манипулација со волјата на граѓаните и изигрување на нивното право да знаат, нивното право да добијат соодветна услуга, да обезбедат одредено право... И најважно, да имаат можност реално да проценат која опција што им нуди и која опција што ќе исполни, и така и да гласаат.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се социјалните и политички последици од злоупотребата на прашањата од социјалната правда?

ПОПОВСКА: Тие се најмалку двојни, затоа што ако, го измамите граѓанинот и со ветување му го земете гласот, тогаш тој останува двојно измамен. Од една страна, нема да биде исполнето она што е ветено, а од друга страна, ќе му биде откраднат гласот. Тој, против своја волја, ќе гласа за некој за кого инаку не би гласал. Овде доаѓаме до најстрашното нешто што се случува во политиката. Сé е трговија, сé е deal oriented, па вклучително и пазарот со гласови. На тој начин, на граѓаните им се одзема најскапоценото нешто, затоа што нивниот глас е нивното право да бидат граѓани, да одлучуваат за својот живот и за животот на своето општество. На ваков начин, тие - губејќи го своето право на глас и на слободно изразување - го губат својството на граѓани, односно, се обезграѓануваат. Можеби најстрашното нешто во целата оваа трговија со гласови е моралната деградација. Нека потоне оној што го принудува граѓанинот да го даде својот глас против своја волја и оној што прифаќа да влезе во таа купопродажба, меѓутоа со тоа, сите, целото општество тоне во една морална бездна. И тоа е најстрашното нешто што нам ни се случува ден за ден.


ЦИВИЛ - Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната темите во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.

#СоцијалнаПравда

This post is also available in: Albanian English