Савески: Ни ја убија вербата во подобро утре!

„Граѓаните се гладни за социјална правда! Левица има намера еднократно да ги отпише долговите, односно, каматите кои им се припишуваат на граѓаните, по основ на некој задоцнет долг од пред десет години, и кој станува далеку поголем во овој момент, отколку што била самата казна. Тоа на граѓаните им претставува многу голем товар, бидејќи многу често се таргетирани посиромашни граѓани, на кои потоа им се блокираат сметките и не можат да водат нормален живот. Можно е да има социјална правда во Македонија!“, вели во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, Здравко Савески, члeн на Президиумoт на Левица.

 ЦИВИЛ Медиа: Кои се програмските определби на вашата партија во поглед на социјалната неправда?

САВЕВСКИ: Левица е партија која отворено е на страната на сиромашните, на работниците и на сите обесправени. Така што, нам работничките права и социјалната правда ни се на врвот на агендата. Во Македонија владее исклучителна социјална неправда! Не само што се гази и загрозува демократијата, туку, и инсталиран е систем на отворена социјална неправда. Тоа мора да се смени! Во Македонија има прераспределба на богатството од сиромашните кон богатите. Тоа мора да се смени, да има распределба на богатството од богатите кон сиромашните. Тоа е можно, но за тоа треба политичка волја. Македонија не е толку сиромашна земја, колку што има сиромаштија и сиромашни луѓе. Во изборната програма на Левица, една од најважните мерки која предвидуваме да ја направиме е воведување на минимален гарантиран приход од 12.000 денари за четиричлено семејство, за да може на луѓето барем малку да им се подобри материјалната состојба. Исто така, имаме намера еднократно да ги отпишеме долговите, односно, каматите кои им се припишуваат на граѓаните, по основ на некој задоцнет долг од пред десет години, и кој станува далеку поголем во овој момент, отколку што била самата казна. Тоа на граѓаните им претставува многу голем товар, бидејќи многу често таргетирани се посиромашни граѓани, на кои потоа им се блокираат сметките и не можат да водат нормален живот. Можно е да има социјална правда во Македонија и Левица цврсто стои на барањето за враќање на социјалната правда во Македонија.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се вашите сознанија за злоупотреби на социјално загрозените категории на граѓанки и граѓани во политички, односно, изборен контекст?

САВЕСКИ: Кога има сиромаштија има голем ризик за изборни нерегуларности. И во крајна линија, ако се сака да има фер и демократски избори, мора да се реши проблемот со сиромаштијата, бидејќи, секогаш, ако има сиромаштија, има ризик дека ќе има поткупување на граѓаните. Особено, ако има сфаќање, перцепција кај граѓаните дека сите партии се исти. Едноставно, граѓаните мислат дека штом сите се исти, тогаш барем нивниот глас да вреди 500 денари. Таа перцепција мора да се промени, инаку со таа перцепција секогаш ќе има изборни нерегуларности. Изборни нерегуларности со поткупување на граѓани од социјално загрозени категории има многу. Тука се, пред сé, Ромите, тука се граѓаните кои се на привремена работа од Пустец, или се доселуваат од Пустец во Македонија. Во врска со нив, имаше големи злоупотреби. И имаше дополнителен негативен ефект што создаде етничка нетолеранција кај оние што не беа приврзаници на режимот, во врска со граѓаните на Пустец. Така што, се надоградуваат негативните елементи. Може да има сосема чисто досие во врска со непоткупување на граѓани, само ако се реши проблемот на сиромаштијата. Сиромаштијата мотивира луѓе - за  егзистенција да прифатат изборна нерегуларност.

ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања за социјална правда се реално остварливи, а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите?

САВЕСКИ: Многу често политичарите кажуваат работи кои сакаат да ги слушнат граѓаните, а граѓаните се гладни за социјална правда! Многу политичари си поигруваат со таа глад, сакајќи да освојат политички поени и подоцна да манипулираат. Да воведат разни критериуми со кои ја разводнуваат и ја обесмислуваат нивната изборна заложба. Многу изборни ветувања се реални ако има политичка волја. Македонија не е толку сиромашна земја, колку што има сиромаштија. Но, ако има преголеми бенефиции и привилегии на функционерите, тогаш нема да останат пари за сиромашните. Левица сака да ги прераспредели буџетските средства. Парите од буџетот да не завршуваат кај функционерите, туку во социјална помош. Не - да нема пари за социјални програми. Ако дотолку немало пари за социјални програми, тогаш ќе скратиме од платите на пратениците и на функционерите. Така што, во крајна линија, се зависи од политичката волја. Дали некој ја има или ја нема. Кај нас, во Македонија, сите партии се бизнис-партии, посветени на заштита на интересите на бизнисмените кои стојат зад нив и тоа мора да се промени. Левица е тука да ја направи таа промена. Ние не сме партија на бизнисмени, ние сме партија на сиромашните и се гордееме со тоа.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се социјалните и политичките последици од злоупотребата на прашањата од областа на социјалната правда?

САВЕСКИ: Ако има злоупотреба на агендата на социјална правда, тоа во голема мера создава цинизам кај граѓаните. Создава недоверба дека е можно подобро утре. Луѓето се изложени на постојано тврдење, убедување дека ќе биде подобро, за еден ден по изборите, сите тие ветувања да бидат заборавени и тоа кај граѓаните го создава цинизмот дека не е можно да биде подобро, и дека сите се исти. Ако еден народ не верува дека може да биде подобро, тогаш никогаш нема да биде подобро! Вербата во подоброто утре е предуслов за подобро утре. Не е единствен услов, но е предуслов. Кај нас, во Македонија, она што ни го направија во последниве 25 години, е дека ни ја убија вербата во подобро утре.


ЦИВИЛ - Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната темите во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.

#СоцијалнаПравда

 

Please follow and like us:

This post is also available in: Albanian English