Вработените во МПМ штрајкуваат, издаваат весници и ја очекуваат ветената плата!

Најдоцна до утре, околу 120 вработени во трите весници на издавачката куќа Медиа Принт Македонија, очекуваат исплата на ветената плата за јануари. Ова било договорено на средбата со сопственикот и извршен на директор на МПМ, Срѓан Керим, минатиот петок.

„Добивме ветување дека јануарската плата ќе ни биде исплатена најдоцна до следниот петок, значи до утре. Во меѓувреме, штрајкот продолжува, секој ден по 6 часа. Но, не сме прекинале со работа. И натаму посветено се подготвува секое издание, професионално, онака како што налага новинарскиот занает“, изјави Љубиша Станковиќ, претседател на синдикалната организација на „Утрински весник“.

Доколку сепак, не се остварат ветувањата на Керим, вработените велат дека дополнително ќе бидат договорени следни чекори во борбата за остварување на работничките права.

Инаку, приказната на ерозија на новинарскиот  и технички капитал од медиумите на МПМ, трае неколку години. Првиот удар беше врз грбот на дописниците, кои со години доследно ги покриваат настаните и во најоддалечените делови од државата, а за возврат, добиваа минимални хонорари. Откако беа известени дека нема да им бидат продолжени договори на дел од нив, што значеше „затворање“ на дописништвата во многу градови на државата, следеше намалување на платата на вработените во редакциите во Скопје. Во овие три печатени медиуми на МПМ, „Утрински весник“, „Вест“ и „Дневник“ се вработени врвни професионалци, а дел од нив со изразено критичко перо, добија отказни решенија. Уредувачката политика нагло се промени, граѓаните го препознаваат влијанието на власта во весниците, а од друга страна, самите новинари се изложени на автоцензура, за да си го зачуваат работното место.

Пред 10 години, трите медиуми беа отворени, доследни и многу професионални критичари на работата на властите и на локално и на централно ниво. Ова нивно тивко и бавно „тонење“, го отсликува процесот на ерозија на објективното, балансирано информирање во македонски рамки, при што, професионалците се доведени до степен да се борат за гола егзистенција.

Моника Талеска