Макрадули: Популизмот не може да ја заштити животната средина

„Проблемот кај нас секогаш настанува во имплементација на законите. Преговорите ќе отворат едно ново поглавје во третирањето и менаџирањето, зборувањето и активностите поврзани со животната средина“, изјави Јани Макрадули, заменик министер за животна средина и просторно планирање одговарајќи на прашањето на ЦИВИЛ Медиа, колку Министерството ги промовира и применува европските вредности.

„Не постои земја што се справила со загадувањето или поврзано со животна средина, а да не работи со масовни инвестиции во зелените иницијативи“, изјави Макрадули, кој смета дека помошта од меѓународните институции ќе придонесе до реална имплементација.

Но, сепак, како што вели Макрадули треба доста труд да се постигне дијалог со општините за да се искористи оваа помош.

„Популизмот не може да ја заштити животната средина. Не можеме со нула плаќање за вода, комунални такси да го одржува ѓубрето или отпадот да го третираме ако не е тоа централизирано менаџирање согласно најдобрите пракси што постојат во овој момент. За жал, некои општини барајќи видливи резултати ја занемаруваат животната средина затоа што нема одржлив развој, односно вложување во еден систем кој ќе придонесе кон тоа. Третирањето на  отпадот е типичен пример. Ние сѐ уште се убедуваме дека е подобро од отпадот да направиме фабрика што ќе произведува електрична енергија, отколку, да речеме, 8 диви депонии да ја заразуваат почвата“, објасни Макрадули.

Во однос на урбаниот криминал, просторното планирање и стеснување на јавниот простор, Макрадули изјави дека низ годините се изгубил тој линк меѓу министерството и општините каде што се случува урбанистичкото реализирање.

„Мене ме радува што со Град Скопје имаме заеднички ставови за повеќето работи, а една од тие е како градењето да не биде на товар или штета на граѓаните, а на нивна сметка да профитираат други. Целта е зелените површини да бидат доминантни во процесот на градење“, истакна министерот.

За соработката со здруженијата на граѓани посветени на заштита на животната средина, Макрадули изјави дека е воспоставенa веќе соработката со нив и независно која власт да дојде нема бегање од таа поврзаност.

Биљана Јордановска

Камера: Дехран Муратов

Please follow and like us:

This post is also available in: English