Марин: Воведовме темелни промени за почиста животна средина

ЦИВИЛ разговараше со градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин за заложбите за почиста и поздрава животна средина во општината, колку се почитуваат европските вредности и зелените иницијативи.

ЦИВИЛ Медиа: Колку Општина Аеродром е подготвена да ги спроведува европските вредности?

Марин: Со пристапувањето кон Европската Унија градиме институции што работат според европските стандарди и општество што живее според европските вредности. Локалните самоуправи, како мост меѓу државните институции и граѓаните се клучни во реализирање на овие цели. Основните европски принципи, како  што се почитување на човековите права и слободи, еднаков пристап за сите граѓани и владеење на правото, се начелата според кои се водиме во креирање на локалните политики.

Во оваа насока, воведуваме темелни промени во начинот на функционирање на Општина Аеродром. Изготвивме темелни анализи за потребите на секоја населба на нашата територија, долгорочен и краткоротечен план за реализација. Тука се вклучени зголемување и подобрување на образовните и згрижувачките капацитети, како и овозможување соодветни услови за децата и лицата со попреченост, подобрување на локалната инфраструктура, дополнување урбана опрема и зеленило итн.

На ниво на целата општина работиме кон приближување и усовршување на услугите на локалната самоуправа. Правиме внатрешна реорганизација во оделенијата, како што е, на пример, легализацијата, каде што, за жал, долго се чека за решавање на предметите. Истовремено градиме механизми за подобра комуникација со граѓаните и доближување на граѓанскиот сектор до нашето секојдневно работење, бидејќи верувам дека ова е единствениот начин да допреме до секој граѓанин и заеднички да изградиме општество за сите.

Нашите нови проекти и буџетски приоритети се насочени кон подобрување на секојдневниот живот на локалното население и овозможување подобри услови за раст и развој за секој граѓанин. Парите ги враќаме кај граѓаните преку мерките, како што се еднократна финансиска помош за првооделенчиња и таленирани спортисти. Исто така, работиме активно на заштита на животната средина, за што оваа година издвоивме 300.000 евра, односно 20 пати повеќе средства во споредба со минатата година.

ЦИВИЛ Медиа: Колку Вие како градоначалник се залагате за еколошка правда и промовирање на зелените иницијативи?

Марин: Заштитата на животната средина е во центарот на активностите на Општина Аеродром и мој личен приоритет. Заложбата за чист воздух и животна средина ја започнав уште во рамките на предизборната кампања и како градоначалник цврсто се придржувам до неа. За да постигнеме вистинска еколошка правда, потребно е активно учество на сите, односно институциите, граѓанските здриженија и самите граѓани. Токму затоа нашите активности се насочени кон конкретни мерки, но и воспоставување тесна соработка со граѓанскиот сектор и подигнување на јавната свест. Ги поддржуваме сите иницијативи што се доставени до нас, а имаат позитивен ефект за почист воздух и животна средина.

Така, во соработка со здружението „Еко свест“ и „Триглав осигурување“ поставивме City tree билборд пред ТЦ „Бисер“, кој има прочистувачки ефект како 275 дрвја и го неутрализира загадувањето од 417 автомобили на годишно ниво. Во моментов во населба Лисиче се спроведува акцијата за селектирање пластика во соработка со еколошкото здружение „Гоу грин“ и со Министерството за животна средина и просторно планирање. Овој проект има двојна придобивка. На овој начин ја подигнуваме јавната свест за селектирање отпад, што е практика во сите развиени земји, а од друга страна им даваме можност на собирачите на отпад да ја формализираат нивната работа.

Исто така, во соработка со „Пакомак“ и Град Скопје се поставуваат контејнери за селектирање отпад на повеќе локации во Општина Аеродром, а поставивме и контејнер за ситен електронски отпад пред ТЦ „Капитол мол“ заедно со здружението „Нула отпад“.

Особено важен аспект од еколошката правда е и урбанистичкото планирање, кое се издвојува како голем проблем во Општина Аеродром, како и на повеќе локации во Град Скопје. Граѓаните мора да разберат дека квалитетот на животот и заштитата на зелените површини се дефинираат токму со изработката на деталните урбанистички планови. За жал, голем дел од штетите тука се веќе направени од претходното раководство. Но нашата практика во однос на урбанистичкото планирање е сосема поинаква. Новите планови ги работиме според високи еколошки стандарди и сме посветени на градење механизми што ќе овозможат континуирано учество на граѓанскиот сектор во овој процес.

ЦИВИЛ Медиа: Кои активности Општината ги спроведува во моментов за заштита и развој на животната средина?

Марин: Буџетот за животна средина оваа година го зголемивме за 20 пати и изнесува 300.000 евра. На овој начин отвораме можност за нови проекти, кои носат реални резултати. За жал, ова е област што била со години запоставена, а бара темелен меѓуинституционален пристап. Земајќи предвид дека решението не е брзо и едноставно, како локална самоуправа се фокусираме на интервентни мерки. Истовремено, ја интензивираме соработката со сите засегнати тела и организации за наоѓање трајно решение и овозможување чиста животна средина за сите граѓани.

Така, обезбедивме средства за поставување прочистувачи на воздух во сите градинки на територија на Општина Аеродром, и набавуваме нови 1700 израснати дрвја. Во соработка со Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, веќе имаме засадено дополнителни 500 дрвја во Аеродром. Со ребалансот на Буџетот предвидовме нова мерка за субвенциионирање на премин кон поеколошки системи за греење во индивидуалните домаќинства, за што наскоро ќе објавиме јавен повик.

Воведовме двосменско работење на инспекциските служби, со цел да се детектираат и да се отстранат загадувачите на територија на Општина Аеродром. Вршиме редовни контроли на сите објекти што се под надлежност на локалната самоуправа, како и градилиштата. Воспоставуваме соработка со соседните општини, Градот и Министерството за животна средина и просторно планирање за ефикасно справување со сите други потенцијални загадувачи.

Лично верувам дека единствени ефикасни мерки се оние донесени врз основа на конкретни информации.  Токму затоа воспоставуваме континуирани мерења на нашата територија, кои би обезбедиле дополнителни и подетални информации за загадувањето во Општина Аеродром. Сѐ уште ги дефинираме формата и начинот врз кои ќе се изведуваат овие мерења и наскоро ќе ја информираме јавноста за овој проект.

Исто така, континуирано ја спроведуваме акцијата што ја почнавме уште кон крајот на минатата година за чистење мини депонии. На почетокот на мојот мандат мапиравме 62 мини депонии, од кои веќе голем број беа исчистени. Работиме и на трајно решение за уредување на локациите кои се расчистуваат, како и набавување дополнителна механизација за одржување на хигиената на јавните површини. Досега имаме реализирано и две акции за собирање кабаст отпад, во соработка со ЈП „Комунална хигиена“.

За жал, решението за чист воздух и животна средина не е брзо и едноставно. Меѓутоа, како Општина работиме на повеќе фронтови, нашиот пристап е темелен, се стремиме да воспоставивме интензивна соработка со сите општествено одговорни фактори и да поттикнеме иновативни решенија.

Please follow and like us:

This post is also available in: Albanian English