Уставниот суд денеска ќе решава за спорниот ДУП во Аеродром

Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница треба да расправа за претставките поднесени против ДУП И10 во Општина Аеродром.

Од Општината велат дека ги имаат доставено сите потребни документи и  оти понатаму ќе постапува согласно одлуката на судот.

– Претходното општинско раководство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ, го донeсе ДУП И10 тајно и без дебата и директно ја овозможи изградбата на зградата кај Мајчин дом. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои пред само една година го изгласаа спорниот ДУП, на денешната 15-та седница на Советот на Општина Аеродром побараа негова ревизија и мораториум, се наведува во соопштението од Општина Аеродром.

Оттаму посочуваат дека Општината, како што на неколку наврати најави градоначалникот Златко Марин, веќе работи на интерна ревизија на ДУП И10. – Во рамките на овој процес Општината ги прегледа и достави до Уставниот суд сите потребни документи поврзани со овој случај. Општинската администрација до Советот ќе достави писмен извештај за сработеното, додаваат од Општината.

Во однос на мораториумот за градење, Општина Аеродром останува на ставот дека тој воопшто нема да го реши проблемот, туку само дополнително ќе ја искомпликува целата состојба.

-На сметка на ова Општината може да трпи и финансиски штети, што значително ќе се одрази врз работењето и е спротивно на интересите на граѓаните. Мораториумот не му го одзема правото на сопственикот да гради, не го оспорува носењето на ДУП-от и не влијае врз маркицата за градба. На овој начин само се блокираат сите други неспорни градби и тековни работи во Општината, се наведува во соопштението од Општина Аеродром.

На седницата на Советот на Општина Аеродром која се одржа во понеделникот не изостанаа партиските препукувања помеѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ и советниците на СДСМ.

Двата небулозни предлози кои беа првите две точки на дневниот ред на седницата на Советот на Општина Аеродром, предложени од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ предизвикаа жестока дискусија меѓу присутните, но, за жал, без конкретно решение.

Првата точка од дневниот ред „Предлог-одлука за задолжување на Одделението за урбанизам и подготовка на урбанистички планови за вршење на ревизија на деталните урбанистички планови“, по предлог на советничката група на СДСМ беше преименуван во „Предлог-одлука за задолжување на Одделението за урбанизам и подготовка на урбанистички планови за изготвување на писмен извештај од интерната ревизија на деталните урбанистички планови“. Преименувањето советничката група на СДСМ го образложи со фактот што ревизија за претходно донесените ДУП-ови е веќе изготвена, па затоа само се задолжува одделението да приложи писмен извештај од заклучоците.

Незадоволни од преименувањето на одлуката советничката група на ВМРО-ДПМНЕ гласаше против својот предлог.

Втората точка од дневниот ред „Предлог-одлука за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови“ не беше усвоена, бидејќи советничката група на СДСМ гласаше воздржано, повторувајќи го ставот на градоначалникот Златко Марин дека мораториумот не е решение туку пролонгирање на проблемот и нагласувајќи дека ќе ја почекаат одлуката на Уставен суд кој по ова прашање ќе одлучува денеска.

Пред гласањето по оваа точка, иако советничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше неколку пати повикана да го образложи својот предлог, што ќе се постигне со мораториумот и како истиот ќе го реши проблемот со парцелата кај Мајчин дом, која е предмет на расправа изминатите дваесеттина дена, ниту еден од советниците немаше одговор. Наместо тоа, тие продолжија со истата реторика дека сега тие се опозиција, дека политички ја изгубиле битката на последните локални избори и затоа сега владеачката партија, односно градоначалникот треба да изнајде решение или да поднесе одговорност.

Заклучокот од седницата е дека се чека одлуката на Уставниот суд и дека преговорите со инвеститорот продолжуваат.

М. Ивановска

Please follow and like us: