„Во услови кога граѓаните се изложени на мноштво пристрасни содржини и перцепции, на македонското општество навистина му се потребни настани, како Караванот на слободата“, вели новинарката Вања Мицевска од радиото Канал 77, која за својот медиум, три месеци ги следеше сите активности поврзани со фестивалот
„Критичко, алтернативно и слободно – вака би го оценила известувањето кое ми го овозможија трите месеци ‘покривање’ на настаните поврзани со Караванот на слободата. Мултимедијалните настани организирани од ЦИВИЛ – Центар за слобода изминативе месеци, беа одлична можност за мене, преку радискиот етер, да направам спој на културата ѝ граѓанскиот активизам. Популарните и алтернативни музички парчиња, во комбинација со дебати, изложби и работилници, и ја претставија на макеоднската јавност – идејата за одговорноста на уметниците во општествена криза, зголемувајќи ја свеста за тоа што воопшто значи да се биде активен граѓанин во едно општество.
Сé на сé, оваа „слободна прошетка“ ширум Македонија не би требало да застане сега и тука… Во услови кога граѓаните се изложени на мноштво пристрасни содржини и перцепции за тоа дека медиумската објективност се манифестира преку квантитетот на информациите, на ова општесто навистина му се потребни слободни и „шарени“ настани, како Караванот на слободата. Секако дека тоа оди рака под рака со медиуми, втемелени на идејата за независност, а ‘Канал 77’ е токму такво радио – грижливо настроено кон својата публика, со тенденција за информативен плурализам. Затоа, и јас како млад, но и совесен новинар од ‘Канал 77’, со задоволство им ги пренесував сите детали од настаните на нашите слушатели кои се креативни, слободоумни и прекрасни!
На Караванот и на ЦИВИЛ им посакувам уште многу успеси и, се разбира, плодна соработка!“