„Треба да се смени свеста кај граѓаните, дека државата е нешто што се сака, обожува, туку, да се изгради свест дека државата е само апаратура која што работи за нив“, вели во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, професорката Мирјана Најчевска, експертка за човекови права
ЦИВИЛ Медиа: Дали социјално загрозените категории во Македонија, се злоупотребуваат во политички односно изборен контекст, кои се Вашите сознанија и анализи?
НАЈЧЕВСКА: Дефинитивно, има злоупотреба којашто се огледа во празни ветувања, во искористување на она што претставуваат анкети или собирање на мислења – фокус групи, од кои се презентираат податоци што немаат многу голема врска со реалноста. И злоупотребата се огледа во тоа што се даваат такви инсинуации, дека една власт може да направи некои промени во општеството кои дефинитивно, се спротивни или на законите или на логиката на демократијата. Тоа воопшто не значи дека маргинализираните групи не треба да бидат дел од изборите кампањи. Напротив, нивните проблеми мораат да бидат адресирани во изборните кампањи. Меѓутоа, не на ваков начин, каков што се прави досега.
ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања за социјална правда се реално остварливи, а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите?
НАЈЧЕВСКА: Најголем проблем всушност, е дезинформацијата којашто успеваат да ја пласираат голем дел од политичките партии – дека државата вработува. Значи, се прави дезинформирање на граѓаните коишто не можат да ја направат разликата помеѓу правото на работа и правото на вработување. Државата е таа којашто треба да обезбеди услови за работа, треба да обезбеди достоинствени услови за работа и да ги заштити вработените. И државата е таа која што треба да создаде поддршка за сите оние кои што се социјално загрозени. Наспроти тоа, многу голем дел од политичките кампањи се ориентирани на тоа дека државата ќе обезбеди работни места. Нешто што една држава не може да го направи, бидејќи таа во основа не е главен работодавач.
Исто така, во кампањите се споменуваат многу често бројки. Бројки на социјална помош којашто ќе биде дадена, ќе биде зголемена и слично. Меѓутоа, вообичаено тие бројки немаат многу голема врска со реалноста. Од една страна, со реалните можности што постојат во заедницата, од друга страна, со реалните потреби на граѓаните. Односно, таков вид на задоволување на потребите којшто ќе обезбеди достоинствен живот. Многу често сѐ се сведува на плати, сѐ се сведува на пари, се заборава сѐ она, каде што државата навистина може учествува. А, тоа е една сеопшта поддршка на граѓаните. Поддршка со соодветни услуги, со намалени даноци, поддршка којашто би им овозможила достоинствен живот, независно од тоа, дали им е повисока помошта или платата.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се социјалните и политички последици од злоупотребата на прашањата од областа на социјалната правда?
НАЈЧЕВСКА: Една од најголемите и најстрашните последици е што кај граѓаните се развиваат лажни очекувања, дека со доаѓање на одредена политичка структура на власт, тие автоматски можат да очекуваат, на пример, вработување од таа политичка структура. Па дури, и во муабет, кога граѓаните разговараат зошто би гласале или не би гласале, за одредена политичка опција, тие многу отворено споменуваат дека: “Па добро, тие ми го вработија детето. Тие ми го вработија сопругот, ме вработија мене и поради тоа јас сум им должник и морам да гласам“. Значи, политичките структури, политичките партии се појавуваат во улога на некој, кој им дава на граѓаните вработување, им дава социјална грижа, им дава услови за преживување и граѓаните ја губат перцепцијата дека од другата страна се наоѓа всушност, една апаратура, којашто постои единствено за да ги задоволни нивните потреби и интереси. Апаратура во којашто се слеваат парите од самите граѓани. Апаратура којашто не располага со некои свои сопствени средства што може на овој или оној начин, од добра волја, некаде да ги даде. И таа лажна перцепција, всушност, што прави? Штом ќе дојде одредена политичка структура на власт, луѓето чукаат на вратата на министерствата и велат мене ми треба работа, мене ми требаат пари за стан, мене ми требаат пари за ова или за она … И автоматски се создава тој клиентелистички однос меѓу граѓаните и државата, односно привид дека државата подарува нешто, за што граѓаните треба да бидат благодарни и својата благодарност ќе ја изразат на таков начин што одново и одново ќе гласаат за одредена политичка структура.
ЦИВИЛ Медиа: Што можат и што треба да направат институциите, политичките партии, синдикатите и граѓанското општество за да ја спречат злоупотребата на социјално загрозените категории и воопшто, темите од областа на социјална правда во политички и изборен контекст?
НАЈЧЕВСКА: Она првото што треба да се направи е нешто многу банално што цело време го повторуваме, а тоа е – да се извлечат партиите од администрацијата и државните структури. Значи, сѐ она што претставува државно структуирање, всушност е една голема, услужна дејност за граѓаните. Политичките партии имаат удел во градењето на политиката, во градењето на насоките на движење на заедницата, базирано врз одредена идеологија, врз одредени вредности, врз одредена замисла, визија за тоа, во која насока и каде би требало да се движи заедницата. Меѓутоа, партиите нема што да прават во услужната апаратура. Таа услужна апаратура, всушност, само ги распоредува парите на граѓаните, коишто ги дале граѓаните и ги троши за она што претставуваат приоритети на граѓаните. За да може нешто да се смени. Прво, мора да се зголеми партиципацијата на граѓаните, во процесите на одлучување, односно, тие да кажуваат што е она што им треба, што е она каде што треба да се трошат парите. Треба да се зголеми контролата на државната структура од страна на граѓаните, за да може да се реагира, секогаш кога има злоупотреба на тие фондови.
И во секој случај, треба да се смени свеста кај граѓаните, дека државата е нешто што се сака, обожува, туку да се изгради свеста дека државата е само апаратура која што работи за нив.
ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната темите во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.