Колку повеќе наближуваме до договорениот датум за предвремени парламентарни избори, 11-ти декември, за што ставија потпис четирите политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, толку расте неизвесноста дали и овој пат ќе има гласање. Сé поголем број граѓан(к)и отворено го искажуваат својот сомнеж дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе се согласи на четири месеци пред локалните избори, а по аферата „Прислушување“ во која се инволвирани бројни поранешни и актуелни политичари и функционери во власта, да се соочи со довербата на гласачите.
И политиколозите излегоа со оценки дека власта ќе настојува да „купува“ време, буџетските пари да ги вложува во режирани паради со сечење ленти кои ќе означат почеток на нереализирани, а ветени проекти за целата измината деценија. Во прилог на прогнозите на граѓан(к)ите се и изјавите на претставници од Граѓанското движење за обнова на Македонија (ГДОМ), за кое е јасно дека е со провладин предзнак, дека доколку лидерот на опозицијата, Зоран Заев, на протестот закажан за утре (на денот на националниот празник 11 Октомври) наводно, заговара федерализација наспроти изборите, народот и без да се организира контрапротест, масовно ќе се крене!
Брисел и Вашингтон порачуваат изборите да се одржат
Меѓународниот фактор бара од македонските релевантни политички субјекти од двата блока, македонскиот – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и албанскиот – ДУИ и ДПА, да се придржуваат кон Договорот постигнат на 31-ви август, со којшто гарантираат сериозни и доследни заложби за реформи во Избирачкиот список, во МВР и во медиумите и за непречена работа на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), како императиви кои Македонија ќе ја доведат по мирен пат до кредибилни избори на кои, со избор на новата влада, ќе се реши долготрајната политичка криза.
Во петок (14.10.2016) е најавено доаѓањето на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во Скопје. Како што најави портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, тој ќе се сретне со лидерите на четирите политички партии, потписнички на пржинскиот договор, за да им укаже на важноста на одржување на изборите, но и на реализацијата на договорените реформи. Хан ќе се сретне и со претставници на граѓанскиот ресор, а ќе оствари средби и со СЈО.
Собранието не ги изгласа неопходните закони за непречена работа на СЈО
Собранието не ги изгласа Предлог-Законот за измени на Законот за СЈО и Предлог-Законот за промена на Законот за заштитени сведоци, со коишто требаше да се овозможи непречена работа на СЈО, сé додека не завршат сите кривични дела коишто ќе произлезат од материјалите во аферата „Прислушување“ што ја отвори пред една година лидерот на опозицијата, Зоран Заев.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ остана на ставовите дека нема да прифати никакво разгледување на какво било барање од СЈО. Според ВМРО-ДПМНЕ, за СЈО – Собранието е нелегитимно, па е нејасно, како од Собранието се бара промена на закони. Оваа партија реагира и затоа што СЈО не доставило финансиски извештај за својата работа, а има буџет од повеќе од 60 милиони денари.
Демократскиот сојуз во редовна собраниска постапка ги достави Предлог-Законот за измени на Законот за СЈО и Предлог-Законот за промена на Законот за заштитени сведоци, но, лидерот Павле Трајанов, пратеник во Собранието, не присуствуваше на седницата кога се гласаа измените на овие закони што ги побара СЈО, по скратена постапка ги предложи СДСМ, а кои не добија мнозинство гласови.
Партијата Унитети остро реагираше на, според нив, „дволичното однесување на двете албански парламентарни партии ДУИ и ДПА“, потписнички на политичкиот договор од Пржино, во врска со законите коишто ја поддржуваат работата на Специјалното Јавно обвинителство. Сметаат дека нема никакво оправдување за пратениците-Албанци, чии партии постојано изјавуваат дека ја подржуваат работата на СЈО, а притоа, не ги подржуваат законските измени за ова прашање и со своето делување се штитат и себеси и македонскиот партнер во власта. Ова, според нив, е само потврда за „нивниот вазален однос кон македонскиот партнер, но и стравот од губење на власта и од владеењето на правдата“.
Претставници на ДУИ и ДПА биле повикани на разговор во Амбасадата на САД во Скопје, по гласањето за предлозите за измени на законите – за СЈО и за заштитени сведоци.
Амбасадата на САД издаде и соопштение во кое ги охрабрува сите партии да се придржуваат кон обврските преземени со договорите од Пржино и од 20-ти јули, за да осигураат веродостојни избори и непречена работа на СЈО и на независните набљудувачи на медиумите. Амбасадата изрази уверување дека се разумни барањата на СЈО за поддршка на темелна и независна истрага на фактите.
На прес-конференција ЛДП побара одговори од ВМРО-ДПМНЕ, дали партискиот имот е вреден 60 милони евра, што ја прави партијата најбогата на европскиот континент, и дали е точно дека партијата поседува 33.000 метри квадратни во објекти, пасишта и земјоделско земјиште.
Здружението Транспаренси Интернешенел изрази негодување во врска со неизгласувањето на измените на законите предложени од СЈО и смета дека предложените измени се од голема важност за борбата против корупцијата која во моментов се случува во Република Македонија, како и дека соодветната заштита на сведоци е од суштинско значење во водењето истраги во случаи на корупција.
СЈО се обидува да ја истера правдата на виделина
Судијата на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1, донесе решение со кое наложи да се запре извршувањето на финансиските трансакции на сметките од фирмата ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ Скопје. Со ова, всушност, е прифатено барањето на СЈО за донесување привремена мерка за забрана за користење и располагање со трансакциска сметка на правното лице во случајот „Трезор“. А, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 ја одби жалбата на СЈО по одлуката на судијата на претходна постапка дека не е потребен притвор за Горан Грујоски, првоосомничен во случајот „Трезор“. Жалбатата на СЈО, судот ја одбива како неоснована.
Врховниот суд пак, ја уважи жалбата на СЈО по одлуката на Апелациониот суд во однос на мерката куќен притвор за градоначалникот на Битола, Владимир Талески, со што предметот го врати на повторно постапување.
Кадровски промени во МВР според решенија на Чавков
Горан Грујовски, обвинет и осомничен во два случаја на СЈО, според дел од медиумите добил унапредување во Министерството за внатрешни работи. Од директор на Управата за безбедност и контраразузнавање тој е „качен“ неколку скалила погоре, и сега е помошник-директор за координација во МВР.
Унапредувањето е дело на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, кој на заминување од челната позиција, го потпишал решението за новото работно место на Грујовски. Според сегашната позиција, под контрола на Грујовски се сите пет управи во МВР. Грујовски е обвинет во случајот на СЈО за уништување на службени документи во УБК и осомничен во предметот „Тврдина“. На неговата нова позиција, претходно беше Тони Јакимовски, кој пак, е осомничен во случајот „Тврдина“. И тој, исто така, е унапреден на функцијата – генерален директор на Југоисточниот европски центар за спроведување на законот (SELEC) со седиште во Букурешт.
Чавков, како министер за внатрешни работи направил и други измени во МВР, со цел на челните позиции да дојдат „проверени луѓе“. Пред да биде разрешен од министерската функција и поставен за директор на Бирото за јавна безбедност, тој ги сменил и правилата за систематизација во МВР.
Граѓанските активисти од Шарената револуција на суд
Во пресрет на изборите, во неколку градови во Македонија се поднесуваат кривични и прекршочни пријави против граѓански активисти од Шарената револуција. Во Скопје, беше одложено судењето на Павле Богоевски, еден од најистакнатите „шарени револуционери“. Тој се товари за кривично дело „учество во топла“, за кое е предвидена парична и казна затвор во траење до три години. Учесници во Шарената револуција, не ја пропуштија приликата да протестираат пред Кривичниот суд во Скопје, демонстрирајќи поддршка за Богоевски.
Во Прилеп во тек се четири судски рочишта на кои адвокатот, граѓански активист Жаре Стеваноски се товари дека го попречил и загрозил сообраќајот, со тоа што го испишувал графитот „Че си лежите“, на улицата пред Градската куќа.
Во Гевгелија на учесници во Шарената револуција им се изрекувани казни за исплата на глоба, од јавните претпријатија.
Но, граѓаните во други градови се воздржуваат од изразување јавна поддршка на учесниците во Шарената револуција.
Моника Талеска