„Имаме една поговорка којашто гласи ‘секое чудо за три дена’. Политичките партии ветуваат чуда и, за жал, тие чуда траат толку. Овие ветувања не смеат да бидат во вид на – едно решение за сите. Мора да се креира стратегија со којашто би се исполнила социјалната правда, за сите. Не може да се издвојуваат одредени групи на граѓани како повеќе важни или поприоритетни“, вели во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, експертот за работнички права, Милан Живковиќ, од фондацијата „Фридрих Еберт“ – канцеларија Скопје.
ЦИВИЛ Медиа: Дали социјално загрозените категории во Македонија се злоупотребуваат во политички, односно, изборен контекст? Кои се вашите сознанија и анализи?
ЖИВКОВИЌ: Можеби ќе звучи малку чудно ова што ќе го кажам, но, добро е да се употребуваат маргинализираните и загрозените групи граѓани во изборни кампањи и во предизборни активности. Замислете само, колку позитивно би било доколку имаме кампањи коишто се фокусираат на социјалната правда. Социјална правда како основа на политичка кампања, на било која политичка партија во Македонија, со фокус на сите оние прашања кои ги засегаат овие загрозени и маргинализирани групи на граѓани. Фактот што повеќето од барањата, односно, ветувањата на политичките партии во предизборниот период, остануваат неодговорени и неисполнети, укажува дека сепак, тоа се сведува на злоупотреба. Самото неисполнување на предизборните ветувања укажува дека тоа е злоупотреба. Колку често се случува тоа? Мора да се каже дека досега не сме виделе една конкретна кампања којашто, од збор до збор, била исполнета во периодот по избори. Тоа значи дека ова претставува еден сериозен проблем за граѓаните, сериозен проблем за избирачите. Исто така, претставува сериозен проблем за политичките партии. Затоа што, со тек на време, самите политички партии ќе бидат перцепирани од гласачите, како партии кои што не ги остваруваат своите ветувања.
ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања за социјална правда се реално остварливи, а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите?
ЖИВКОВИЌ: Имаме една поговорка која што гласи „Секое чудо за три дена“. Политичките партии ветуваат чуда и, за жал, тие чуда траат толку. Овие ветувања не смеат да бидат во вид на – едно решение за сите. Исто така, не смеат да бидат ветувања коишто во најкусиот период по изборите, ќе ги решат сите прашања и сите проблеми на загрозените и магинализираните групи на граѓани. Од тие причини, доколку ја гледаме социјалната правда за сите граѓани на Република Македонија, мора да се направи една конкретна стратегија. Не е сé во ветувањата, не е сé во конкретното прашање на домување, во прашањето на решавање на сиромаштијата… Мора да се гледа како на едно комплетно решение, односно, креирање на стратегија со којашто би се исполнила таа социјална правда. И пак ќе кажам, социјална правда за сите. Не може да се издвојуваат одредени групи на граѓани како повеќе важни или поприоритетни. Затоа, ветувањата мора да бидат опсежни, односно, за сите. Тие ветувања не можат, не смеат да бидат популистички, а свесни сме, односно, сме биле сведоци досега во кампањите, а и во периодот по изборите, кога владите креирани од различни политички партии, ги употребуваат тие моменти на решавање на сиромаштијата, односно, проблемите на маргинализираните групи на граѓани. Го прават тоа на еден толку бомбастичен начин што добиваме некоја претстава, преку медиумите, дека готово, немаме веќе ние проблем со сиромаштијата, немаме проблем со бездомништвото, немаме проблем со непочитувањето на различностите… Сепак, факт е дека имаме проблем со сето тоа.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се социјалните и политичките последици од злоупотребата на прашањата од областа на социјалната правда?
ЖИВКОВИЌ: Пред сé, мора да се каже дека и самите политички партии би имале последици доколку не ги исполнуваат своите ветувања. Ветувањата коишто се на големо опишани од политичките партии во предизборниот период, може да доведат до ситуација каде што самите граѓани, односно, избирачите коишто гласаат за политичките партии, губат верба во тие политички партии и во следниот изборен циклус – да останат дома. Нема ништо полошо, доколку гласачите останат дома и не го искористат своето граѓанско право, уставно право да гласаат за било која партија. Но, сепак, не можеме да ги обвинуваме ако ја загубиле вербата во политичките партии коишто ги даваат овие ветувања. Последиците во однос на социјалните мерки во оваа категорија на граѓани се дефинитивно, непоставувањето на приоритети во однос на решавањето на проблемите. Односно, самиот факт што политичките партии во голем број случаи не се повикуваат на решенијата што ги нудат експертите, или организациите од граѓанскиот сектор, навистина претставува проблем. Партиите одат со свои анализи кои ги прават на овој или оној начин, и на крајот, доаѓаат до некое решение коешто тие сметаат дека би било добро да се употреби, односно, да се решат проблемите на овие групи на граѓани. Тие решенија несекогаш го претставуваат она оптималното нешто, коешто на овие загрозени, маргинализирани групи на граѓани им е потребно.
ЦИВИЛ Медиа: Што можат и што треба да направат институциите, политичките партии, синдикатите и граѓанското општество за да ја спречат злоупотребата на социјално загрозените категории и воопшто, темите на социјалната правда во политички и изборен контекст?
ЖИВКОВИЌ: Мора да се сфати фактот дека овие прашања не смеат да бидат третирани само во предизборен процес. Ова се прашања коишто мора да почнат да се разгледуваат од самиот ден по изборите, па до следните избори. Ако претпоставиме дека следните парламентарни или локални избори би се случувале еднаш на четири години. Кај нас, тоа не беше случај. Но, доколку претпоставиме дека на секои четири години имаме избори, процесот на креирање на овие политики, односно, наоѓање решенија треба да трае четири години. Во целиот тој перод треба да бидат вклучени сите групи кои што ги спомнавте. И организациите од граѓанскиот сектор, и експертите, синдикатите, државните институции и сите надворешни експерти кои што би можеле да дадат свој придонес кон решавањето на проблемите на маргинализираните групи на граѓани. Тоа значи седнување на заедничка маса, поставување на приоритети, поставување на цели коишто се реално остварливи и секако поставување на временски рамки. Нема да можат да бидат решени некои од проблемите во првите четири години од формирањето на некоја влада. Можеби нема да можат да бидат решени некои прашања и проблеми и во следните осум години, но, затоа се прави стратегија за имплементирање на социјалната правда за сите, преку која сите ќе дадат подеднаков придонес. Не може само државните институции да решаваат за одредени прашања и да ги решаваат проблемите на одредени групи на граѓани, туку, мора да бидат вклучени сите актери. Затоа, доколку се воспостави таква стратегија, апсолутно нема да има проблем околу злоупотребата на овие групи на граѓани во предизборните периоди. Тоа значи дека овие прашања ќе бидат апсолвирани од политичките кампањи и ќе бидат подеднакво важни за сите политички партии.
ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната темите во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.