ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе ги претстави проектите за изборно набљудување на јавна презентација вo следните два дена, во повеќе градови низ Македонија. Тимовите на ЦИВИЛ во четврток ќе ги посетат Охрид, Кичево, Гевгелија и Струмица, а во петок – Битола, Прилеп, Кавадарци, Кочани, Штип и Велес. На презентациите се поканети медиумите, организациите на граѓанското општество и сите заинтересирани граѓанки и граѓани.
Во текот на денот, тимовите на ЦИВИЛ ќе одржат и одвоени средби со претставници на политичките партии, граѓанските организации и институциите на локално ниво.
ЦИВИЛ веќе подолго време ги имплементира проектите „Напред!“ и „Набљудуваме“, кои се однесуваат на долгорочно набљудување на предизборниот период. По договорот за закажување на изборите за 11 декември, ЦИВИЛ ги интензивира своите активности за изборен мониторинг.
Овие градови се дел од 14-те регионални центри на ЦИВИЛ, во кои функционираат тимови за долгорочно набљудување на политичките процеси и настани во изборен контекст. Со настаните во следните два дена се означува и почетокот на финалната и најинтензивна фаза во имплементација на проектите за изборен мониторинг кои ги спроведува ЦИВИЛ. Тоа подразбира интензивирање и на комуникацијата со граѓанките и граѓаните, политичките партии, медиумите, полицијата и другите институции.