„Преку кумановскиот Меѓуопштински центар за социјална работа се исплаќа и натаму социјална помош за починати граѓан(к)и, а нивните лични карти се користат за гласање за време на избори.“ Ова го тврдат жители од Куманово, посочувајќи на случаи во околните населени места, населени претежно со граѓани од албанска националност.
„Многу луѓе знаат и не е ништо ново. Изразени се случаите во селата, каде живеат Албанци. По смртта, се прават погребните обреди, но само во џамиите, а починатите лица не се одјавуваат во надлежните институции. Албанците сами велат ‘Кај нас не се вадат документи, кога луѓето ќе умрат. Не е како кај вас. Се носи пиење, јадење, задушница, телото се погребува, ама тој човек во документите се уште живее.’ Затоа и натаму дел од нив добиваат социјална помош, а личните карти се користат за изборите, гласаат други лица во нивно име. Но, тоа, никој не смее да го каже јавно“, велат граѓани од Куманово, кои инсистираат на своја анонимност.
Тие посочуваат дека се уште во неколку албански села постои практиката на групно гласање за време на избори.
„Па, на жената не ѝ се дава право да гласа се уште, за неа гласа сопругот. Во многу населени места тоа се случува од првите избори до денес“, велат кумановци.
Истакнуваат дека вакви злоупотреби се прават во соработка со одредени структури. Велат и дека се врши поткуп на гласачите со пари, преку одредени партии и фирми блиски до власта.
Дека овие случаи се дел од кумановското секојдневие потврдуваат и претставници на политички партии.
„Има такви случаи. Многу Албанци од населените места живеат и работат во странство, а се водат овде на список. Фактичката состојба на теренот, со онаа во списоците е неспоива. Но, целта да се прикаже што поголем број граѓани и гласачи од албанска националност. Ако не се успеа досега, тогаш треба да се направи попис на сите жители по избори и да се добие реална демографска слика“, велат припадници на политички партии.
Со цел да добиеме објективна слика за овие случувања на кои посочуваат граѓани од Куманово, побаравме, но се уште не добивме одговор од надлежните министерства. Министерката, Фросина Ременски деновиве посочи на 134 случаи на злоупотреби на социјална помош во Тетово. Исто толку починати лица „примале“ социјална помош, како што рече, а неколкумина не биле избришани ниту од Избирачкиот список. Министерството според Ременски врши инспекциски надзори врз работата на повеќе меѓуопштински центри за социјална работа во земјава.
Моника Талеска