Вработените во „Нена фешн“ си ги бараат неисплатените плати

Преку 40 вработени во штипската конфекција „Нена фешн“ бараат исплата на заостанатите плати и придонеси. Тврдат дека од октомври не зеле ниту денар и дека неколку месеци не им се исплаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Ја повикуваат трудовата инспекција да изврши контрола во конфекцијата.

nena-feshn

„Работиме во тешки услови. Смрзнуваме на работа. Плата нема, а нема ни осигурување за здравство. Тоа ни е многу важно. Никој не може да се лекува. Откако работиме во конфекцијата истите проблеми продолжуваат. Без притисоци едноставно не можеме да дојдеме до плата. Ќе ни исплатат и пак по старо, иста приказна. Затоа бројот  на вработени во оваа година и пол од отворањето се преполови“, реагираат конфекционерите.

Од граѓанското здружение „Гласно“ од Штип им нудат бесплатна правна помош.

„Вработените ги упативме да реагираат до надлежните инспекциски служби. Тие се обратија до трудова инспекција, УЈП и полиција. Реагираа, но од понеделникот, нема мерки на повидок. Ќе чекаат како што им ветиле до петок, да им се исплати плата. Но, ако не ги добијат парите, ќе протестираат“, вели Горан Трајков, претставник на „Гласно“.

Грин ЦИВИЛ се обиде да го контактира и сопственикот и управител на „Нена Фешн“, Метин Косеоглу, но тој не одговори на телефонските повици.

Според Трајков, во Штип функционираат 100-ина конфекции во кои се вработени околу 7000 граѓан(к)и. Конфекционерите и покрај огромните проблеми, не се организирани во основни синдикални организации.

„Во втората половина на годинава се детектирани прекршување на Законот за работни односи, во просек по 94 прекршоци по работник во сите конфекции. Текстилците доааѓаат секојдневно и се жалат на низа проблеми, неисплатени плати... Работодавците им поставуваат високи норми, коишто не можат да ги остварат, не одговараат ниту на способностите на работниците, ниту на условите во фирмите“, тврди Трајков, од „Гласно“.

Тој додава дека надоместоците за минат труд, за прекувремена работа болничко лекување ... не се плаќаат. Работниците се казнувани и по 2000 денари, за отсуство од работа и во случаи, кога тие ги носат своите деца на лекар.

„За работодавците нема никакво оправдување. Им даваат бланко листови, коишто се принудени да ги потпишат, така што вработените без да знаат се откажуваат од низа законски права“, акцентира Трајков, повикувајќи ја Трудовата инспекција да ги засили контролите во штипските конфекции.

Моника Талеска

Green CIVIL

FREE
VIEW