„Барањето на менаџментот на ‘Југохром’ повторно да се отвори фабриката и да работи без филтри е незаконско, неприфатливо и опасно. Во периодот кога не работи ‘Југохром’, во 2016-та и претходно во 2009-та година, загадувањето во Тетово е помало за 40 до 50 отсто. За прв пат во 2016, Тетово е шести или седми најзагаден град во Македонија, а претходно, неколку пати бевме најзагадениот град во светот! Затоа, мора да се постават филтри“, изјави Аријанит Џафери, претседател на НВО „Еко герила“,во разговор за ЦИВИЛ Медиа.
Во однос на средбата на Синдикатот и менаџментот на „Југохром“ со претседателот на Владата, Емил Димитриев и заменикот Владимир Пешевски, Џафери посочува на последиците по здравјето, кои како што вели, мора да се имаат во вид.
„Најважниот интерес е здравјето на граѓаните, на нашите деца! Малигните болести се зголемија многу последните години, тоа треба да се земе предвид. Паралелно, ние и претходно сме барале да им се помогне на вработените. Баравме Владата да им дава финансиска помош, а сме барале и да се модернизираат ваквите капацитети, како што е ‘Југохром’, ‘Осломеј’, РЕК…, а ништо не се направи“, вели Џафери.
М. Теговска