Со ослободителна пресуда финишираше првиот од четирите судски спорови коишто се водат во Основниот суд во Прилеп, против активистот на Шарената револуција, Жарко Стеваноски. Прилепската полиција го товари за сторен прекршок согласно со член 191 од Законот за безбедност на сообраќајот, зашто на асфалтот на улицата точно пред зградата на Општина Прилеп, го пишуваше графитот „Че си лежите“.
И тогаш кога полицијата едно по друго му ги поднесуваше прекршочните пријави во Основниот суд, Стеваноски, којшто е адвокат по професија тврдеше дека не го сторил прекршокот за којшто го товарат. Улицата за време на протестите беше затворена за сообраќај, а за тоа сведочеа илјадници граѓани.
„Очекуван е овој судски исход, и со примена на законот. Со оваа пресуда не се определени трошоците согласно со адвокатската тарифа. Затоа ќе поднесеме жалба до Апелациониот суд. Средствата ќе ги искористиме за да се открие вистината пред граѓаните, во однос на тоа, колкави штети врз општинската зграда се предизвикани со протестите на Шарената револуција. Локалните власти шират дезинформации за тоа, со намера да предизвикаат револт кај граѓаните. Протестите имаа исклучиво слободарски дух, за враќање на демократијата и во ниту еден момент не беа со намера да предизвикаат реална штета, туку беа симболичен приказ на незадоволството на граѓаните од политиките кои повеќе од една деценија ги применуваат локалните и централната власт“, објаснува граѓанскиот активист од Прилеп.
Во тек се трите други судски спорови, за кои Стеваноски, подеднакво очекува ослободителни пресуди.
„Очекувам да бидат донесени ослободителни пресуди, зашто од изјавата која што ја даде во оваа постапка, заменик командирот на униформираните полициски службеници, неспорно произлезе дека протестите се одржувале на идентичен начин. Се докажа дека сообраќајницата пред општинската зграда во Прилеп беше блокирана за време на протестите и преку неа не се одвиваше никаков сообраќај. А, со тоа се потврди фактот дека во конкретниот случај за време на одржување на протестите сите денови во Прилеп, сообраќајот не би можел да биде загрозен на ниту еден начин“, вели Стеваноски.
Адвокатот Стеваноски поаѓајќи од својата граѓанска должност, долго време води битка пред законот со локалните власти. Поднесе четири кривични пријави против градоначалникот Марјан Ристески и против други локални функционери до Основното јавно обвинителство во Прилеп. Иако смета дека претставниците на законот во Прилеп, се под голем притисок на власта, тврди дека во прилепскиот Основен суд и ОЈО има професионалци, кои без поговор го почитуваат словото на законот.
„Правдата ќе победи, порано или подоцна, вистината ќе се дознае, и казната секој ќе ја добие“, категоричен е адвокатот Стеваноски, еден од најистакнатите борци на Шарената револуција во Прилеп.
Моника Талеска