Опожарен е влезот од гаражата од новинарот дописник, Зоран Милошески, сопственик на порталот „Публикум“, половина час пред полноќ. Како што потврди СВР Битола, причинета е мала материјална штета, а се трага по сторителот.
„Непознат сторител истурил запалива течност пред влезот од гаражата на новинарот. Распламтениот оган го забележал соседот и тој го пријавил случајот во прилепската полиција. Извршен е веднаш увид. Констатирано е дека не се причените материјални штети во гаражата во која што се наоѓало возилото. А, во непосредина близина на гаражата имало паркирани и други возила. Но, соседот сам со снег го изгаснал огнот, што го забележал.Истрагата е во тек. Досега не се откриени можни сторители на настанот“,изјави Сања Стаматовска, портпарол на СВР Битола за ЦИВИЛ Медиа.
Новинарот Милошески не може да посочи на конкретен сторител.
„Точно е дека сум се соочил во закани досега. Ми праќале пораки, ми ѕвонеле со скриени телефони, ми се заканувале преку други луѓе. Сум пријавувал и во полиција. Но, до денеска не се случило ништо конкретно“,вели Милошески.
Во прилепската локална средина Милошески е редок новинар со остро перо. Освен што е сопственик на критички настроениот портал „Публикум“, тој е дописник на неделникот „Фокус“, на порталот “Слободна Македонија“, а добитник е и на награда за најдобра сторија на граѓански новинар што ја доделува ЦИВИЛ -Центар за слобода во рамките на проектот „Граѓански објектив“.
Моника Талеска