„Четирите грански синдикати СИЕР, УПОЗ, Агро Синдикат и СУТКОЗ се решени да ја продолжат борбата низ институциите, бидејќи се уверени дека аргументите и правото се целосно на нивна страна. Затоа, утре ќе побараат прием кај министрите во Министерството за труд и социјална политика и во Министерството за внатрешни работи, за да добијат одговори – како е поништено решението за именување на Дарко Димовски, односно, кој издаде наредба полицијата да влезе во зградата на ССМ и да не дозволува да влезат вработените во синдикатот“, се вели во соопштението до медиумите на четирите гранкови синдикати, кои се конфронтираа со поранешниот претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, Живко Митревски.
„На прес-конференцијата што Митревски ја одржа вчера, се виде кои гранкови синдикати го поддржуваат, бидејќи го придружуваа три нелегитимни претседатели, каков што впрочем е и тој самиот. Претставникот на Македонскиот полициски синдикат е со завршена функција и тој е технички претставник без легитимно право да зборува во својство на претседател. Претставникот на Синдикатот на одбраната со фалсификувано решение и заведен спор по тој прекршок, бесрамно се претставува за претседател на Синдикатот на одбраната и безбедноста. Разрешениот секретар на ССМ и претставник на Синдикатот за сообраќај и врски го загуби спорот пред Управниот суд за неговата претседателска фукција во тој синдикат. Ваквите состојби и спорови во овие синдикати се резултат на директното влијание и упадите на Живко Митревски“, тврдат синдикалците.
Состојбите во ССМ ескалираат по разрешувањето на Митревски, на гласањето на претставниците на гранковите синдикати – членки на ССМ, по што Централниот регистар одбиваше да го впише новото раководство на чело со в.д. претседателот, и покрај решението на тогашната министерка за труд и социјала Фросина Ташевска Ременски. Минатиот четврток, новиот министер од Сојузот на Ромите, Ибрахим Ибрахими, го поништи решението, а во петокот во 04:30 часот Митревски ангажирал агенциско обезбедување,кое насилно влегло во просториите на Синдикатот и ги избркало претставниците на гранковите синдикати. Меѓу нив бил и новоизбраниот в.д претседател Димовски. Поради здобиение лесни повредени тој и неколкумина други работници побарале и лекарска помош.
Четирите гранкови синдикати денеска ја информираат јавноста дека зградата на ССМ повеќе не е дом на работниците, туку „дом на криминалот и злоупотребите“. Во него велат влегуваат само платениците кои го штитат Митревски од сопствените членови. „На вработените, на синдикатите од: СИЕР, УПОЗ, АГРО и СУТКОЗ не им дозволуваат влез во сопствената куќа“.
Гранковите синдикати претходно ги повикаа членовите на синдикатите, работниците и граѓаните кои се подготвени да им дадат поддршка, да дојдат пред зградата на ССМ и да му кажат “збогум на Митревски, да му покажат дека местото му е надвор од ССМ и дека власта нема да може уште долго да го држи на апарати и вештачки да го одржува во живот“.
Според четирите гранкови синдикати, Митревски продолжува со нападите врз нивните претседатели и раководства „со единствена намера да ја заштити својата кожа од криминалите кои ги има направено, употребува термини како фалсификатори, пензионери, злосторничко здружување. Но, во суштина, тој е вистинскиот и единствениот фалсфикатор. За сите овие изнесени невистини процесуирани се соодветни кривични пријави, за кои бараме веднаш да се започнат постапките, за што побрзо да се разоткрие вистината“, се вели во соопштението од четирите синдикати на ССМ.