Денеска изминува рокот, до кога Македонија треба да достави извештај за статусот на конзервација и за чекорите преземени за спроведување на препораките во случај на потенцијална опасност за природните и за културните добра на Охридскиот регион. Тоа е крајниот рок што го постави УНЕСКО, од каде, во периодот февруари – март, најавуваат доаѓање на меѓународна делегација за надзор на состојбата и за спроведување на препораките околу проектите и нивното влијание врз Охрид и врз Охридското Езеро.
Меѓународните експерти заедно со домашните стручњаци од повеќе области – хидрологија, екологија, одржлив развој, заштита на природното и на културно наследство, наредните месеци ќе вршат целосно испитување на Охридско Езеро.
Најавените испитувања не се случајни.
Поради плановите за изградба на ски-центар на Галичица, патот А3, автопатот А2, Железничкиот коридор 8 и поради плановите за изградба на хотел во заштитениот зелен појас во населбата Лагадин, Охридскиот регион се соочува со опасноста да се најде на листата на УНЕСКО – „Светско наследство во опасност“.
Месецов, најстарото езеро во Европа се соочува со уште еден проблем, наглото намалување на нивото на водата. Од граѓанската организација „Охрид СОС“, на 28-ми јануари, објавија соопштение во кое се вели: „Нивото на водата на езерото е под дозволената граница! ЕЛЕМ ја користи водата од Дрим за производство на електрична енергија. Охридското Езеро – НЕ е вештачко езеро, па да може кој сака да си го (зло)употребува. Денеска, на електронската табла на УХМР која ги покажува главните параметри на водата од Охридското Езеро, можеше да се прочита дека околу 17 часот нивото на водата беше – 0,15 м (15 см) под просечната (природната) минимална природна кота на Езерото.“
Според Управата за хидрометролошки работи, пак, нивото на водата во Охридското Езеро, утрово е за 5 см под дозволениот минимум.