Вработен во јавна установа во општина во западниот дел од Македонија, се соочува со жесток мобинг. По 25 годишно работно искуство, соодветна едукација и посветеност во работата, затоа што неговите блиски се членови на СДСМ, тој се соочува со жестоки политички притисоци. По изборите кон средината на декември е прераспределен на друго работно место. Бескрупулозно, крајно непрофесионално и без преседан е овој чин на кадрите од ВМРО-ДПМНЕ кои и не криеле дека вршат политичка одмазда, тврди за ЦИВИЛ Медиа,нашиот соговорник, кој инсистира на своја анонимност.
„Апсурдно е затоа што, јас не сум член на партија. Точно е дека моите блиски се членови, активисти на СДСМ и тоа е нивен избор. По изборите ми го врачија решението со кое ме распределуваат на ново работно место, за кое што јас немам квалификации, и логично е дека не ќе можам да го дадам својот максимум во работата“, додава овој мобиран работник.
Политичките притисоци на кои е изложен доаѓаат во многу тежок период од неговиот живот, затоа што овој боледува од тешка болест. Неодамна е опериран, па во овој период на рехабилитација како што вели, не е подготвен ни за дополнителни драми и тортури на кои не се сомнева дека ќе биде изложен, доколку одлучи да го открие својот идентитет.
„На моите блиски им рекоа дека сум казнет, токму поради фактот што тие се членови и активисти на СДСМ. Тоа бесрамно, отворено им го кажаа. Јас не можев да појдам да го земам решението, зашто во моментов сум на рехабилитација по тешка операција, поради болест која што ми го доведува во опасност и мојот живот. И во сета оваа моја лична драма, уште ова ми недостига“, вели нашиот соговорник.
Тврди дека во услови на политички мобинг без преседан, принуден бил да ангажира адвокат. Во моментов има поднесено жалба на новото решение во законски рок, но одговор од надлежните се уште нема.
„Не можам да говорам јавно, зашто не сум подготвен на дополнителен стрес во целата оваа состојба со која се соочувам јас и моето семејство. Но,навистина е неиздржливо, вакво однесување на овие кадри, кои партијата, ВМРО-ДПМНЕ ги ставила на раководни позиции, ова е изживување со одговорни работници“, додава овој човек.
ЦИВИЛ Медиа и натаму стои во одбрана на правата на работниците и ќе продолжи да информира за сите прекршувања на работничките права, притисоци и секаков облик на мобинг врз вработените, колку во јавниот толку во приватниот сектор.
Моника Талеска