ЦИВИЛ – Центар за слобода спроведе повеќе истражувања во сферата на социјалната правда во 2015-та и 2016-та година. Мониторинг тимовите и истражувачите на ЦИВИЛ дојдоа до потресни сведоштва за состојбата на работничките права во Република Македонија. Работничките и работниците во Македонија се платени под секакви стандарди на вреднување на работничкиот труд, а притоа, се предмет на мобинг и малтретирање на работното место, а неретко и на политичка злоупотреба и дискриминација.
Во своето истражување, ЦИВИЛ ги опфати и текстилните работнички. Текстилната индустрија е носител на стопанството во Штип. Во Штип има над 80 текстилни конфекции, од кои голем дел се странски инвестиции.
Според информациите до кои дојде ЦИВИЛ, текстилните работнички и работници заработуваат меѓу седум и девет илјади денари месечно. Во тој износ влегуваат и парите потребни за превоз и храна. Работат во смени, често и прекувремено и за време на празници, но за тоа не им се плаќа дополнително. Според неколку сведоштва, ако се отсуствува од работа поради болест, работничките се принудени да враќаат пари во кеш. Заштита при работа е непостоечка категорија. Навредите се дел од нивното секојдневие. Голем дел од нив немаат здравствено осигурување.
Реалноста не е променета со години. Третманот на работничките и работниците во текстилната индустрија само се влошува. Голем дел од нив се хранители, единствениот извор за егзистенција на нивните семејства.
Нашите соговорнички сакаа да останат анонимни, плашејќи се да не ја изгубаат единствената можност за, како што велат, гола егзистенција.
Биљана Јордановска