Продолжува пресметката со активистите на Шарената револуција

Основиот суд во Прилеп донесе уште една ослободителна пресуда за истакнатиот прилепски активист на Шарената револуција, адвокатот Жарко Стеваноски. Оваа е втора ослободителна пресуда, по поднесени 6 прекршочни пријави од прилепската полиција, којашто го гони за прекршок по ист основ, од член 191 од Законот за безбедност во сообраќајот, за испишаниот графит „Че си лежите!“, за време на протестите на Шарената револуција во Прилеп.

„Очигледно е дека оваа и ваква власт полека, но сигурно, заминува во историјата, како една од најозлогласените во практикување на моќта на институциите за лични цели и за пресметка со неистомислениците“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, активистот Стеваноски.

Во Кривичниот суд во Скопје пак, во тек е постапката против истакнатиот активист од Шарената револуција, Павле Богоевски. Последното рочиште во кривичната постапка против Богоевски, се одржа пред два дена.

„Кривичната пријава ми е поднесена за протестот на 18-ти април пред Министерството за култура, ме товарат за 'Учество во толпа што ќе стори кривично дело' и за оштетување на културно наследство, бидејќи зградата е заштитена како културно наследство. Проблемот е што од целата толпа само мене ме гонат, значи јас сум толпата! Последното рочиште беше пред два дена, а следното е закажано за 13-ти март. Пресметаната штета врз Министерство за култура е околу 8.000 евра, па ако ме прогласат за виновен, многу е веројатно дека тоа ќе биде сумата што ќе треба да ја платам“, вели Богоевски.

Против него се поведени и 50 прекршочни постапки, кои како што вели Богоевски, доколку се ефектуираат, ќе треба да плати штета од неколку стотици илјади евра.

М. Талеска

 

Green CIVIL

FREE
VIEW