„Спас за Гевгелија“ со референдум ќе го штитат животот на гевгеличани од загадување!

Граѓанската иницијатива „Спас за Гевгелија“ на нивниот Фејсбук-профил распишала „референдум“, како што велат, „за спас на Гевгелија, на нивните домови и спас на нивните фамилии“, поради  проектот за отварање на рудник за злато на планината Кожуф, во атарот на с. Коњско.

„Оваа е смртоносна економска активност на модерното време и тоа е застрашувачка активност, која ги уништува природата и луѓето“, потенцираат од иницијативата.

Тие додаваат дека шума од 1.500.000 метри кубни букови дрва, на површина од 3.000 хектари, е исечена со цел - новиот рудник во Гевгелија да почне со работа! Од иницијативата реагираат дека наспроти оваа површина, градот се наоѓа на површина од 500 хектари. Во веќе искасапената шума, наводно, се користел околу 20 тони динамит дневно, за отварање на окното на рудникот, кој ќе биде со пречник од три километри и длабочина од 700 метри.

„При минирањето, копањето и транспортот на руда, ќе се создава 10 тони високотоксична прашина од талиум, арсен, сулфони, оксиди и антимон, а истата ќе ја дишат гевгеличани секојдневно, и дневно ќе се користат 10 тони цијанид, а за да се затрујат сите жители на Гевгелија се доволни само 10 литри“, додаваат од иницијативата.

Оттаму истакнуваат дека најголема еколошка катастрофа во Европа, по Чернобил е излевањето на браната со цијанид во рудникот Баја Маре во Романија, кога комплетно изумрел целокупниот воден свет во Тиса и Дунав, во должина од 1.200 километри.

 

 

 

 

Green CIVIL

FREE
VIEW