„Систематското и континуирано кршење на човековите права и слободи, лошите политики во сферата на социјалната правда, растечката сиромаштија, нефункционалноста на синдикатите, коишто треба да ги штитат работничките права, злоупотребата на социјалните прашања во изборен и политички контекст е „традиција“, која има длабоки корени во Република Македонија. Македонија е мрачно место за живеење. Како таква, нашата земја го дочекува и овој 20 февруари, Светскиот ден на социјалната правда“, соопшти ЦИВИЛ-Центар за слобода денеска на Светскиот ден на социјалната правда.
„ЦИВИЛ им се обраќа и на граѓанките и граѓаните на Република Македонија да не се плашат и храбро и слободно да зборуваат за своите проблеми и јавно да се изборат за своето уставно гарантирано право на достоинствен живот. Огромен број луѓе, секојдневно се соочуваат со дискриминација и кршење на социјалните права, во еден жестоко корумпиран систем, којшто е во спрега со криминално владеење, во којшто страдаат токму сиромашните и обесправените“, истакнуваат од ЦИВИЛ.
Социјалната правда е високо на агендата на оваа невладина организација, која што ги вклучува заложбите за почитување на работничките права, но и за заштита на другите општествено и социјално маргинализирани и загрозени категории на граѓанки и граѓани.
Истражувањата и анализите кои ЦИВИЛ ги спроведе во рамките на проектот „Социјална правда сега!“ и „Ветувања и злоупотреби“, како и посветеноста на јавно разоткривање на социјалните неправди, укажуваат на фактот дека злоупотребата на социјалните прашања во Македонија потекнува од заробеноста на државата и политичките манипулации во борбата за моќ.
„За жал, со продлабочувањето на политичката криза во земјата може да се заклучи дека Македонија сѐ повеќе тоне во сиромаштија, но и целосна исклученост на социјално загрозените групи граѓанки и граѓани.ЦИВИЛ се залага за социјална правда и веќе со години наназад излегува во јавноста со барања за ефективно и брзо решавање на проблемите во оваа област, итно подобрување на социјалните политики и ги повикува ги политичките партии, институциите и регулаторите да се ослободат од партиските стеги и да реагираат навремено на злоупотребите на социјалната правда“, соопштуваат од ЦИВИЛ.
Инаку, Светскиот ден на социјалната правда е посветен на промовирање на заложбите за справување со сиромаштијата, социјалната и економската исклученост и невработеноста.
Генералното собрание на Обединетите нации одлучи, на 26 ноември 2007 година, да се забележи 20 февруари како ден посветен за социјален развој, солидарност, еднаквост и хармонија, како темелни вредности во постигнување на социјалната правда, односно „општество за сите“ и еднакви можности за секого. Со одбележување на овој ден меѓународната заедница и земјите членки на на ОН се обврзаа дека ќе ги зголемат своите напори во искоренување на сиромаштијата, промовирање на целосно вработување, родова еднаквост и пристап до социјалната благосостојба и правда до сите.