Власта ги понижува и дискриминира жените!

Власта ги понижува и дискриминира жените во Македонија веќе цела деценија! ЦИВИЛ – Центар за слобода им го честита Меѓународниот ден на жената – 8-ми Mарт, на сите граѓанки на Македонија, потсетувајќи дека борбата за рамноправност на жените е далеку од завршена.

ЦИВИЛ алармира за сѐ полошата состојба на човековите права и слободи на жените во земјата, за континуираната дискриминација, за злоупотребата на жените на сите нивоа.

Жените во Македонија сѐ уште немаат право на избор, голем дел од нив чекаат одлука од „главата на семејството“ за кого да гласаат.

ЦИВИЛ нотира недоволна и неефикасна правна и судска заштита на жените - жртви на насилство. Статистиките покажуваат огромен број на случаи на жени жртви на насилство, а дијаметрално спротиставен број случаи на казнување на насилниците.

Не помалку загрижувачки се податоците за економската нееднаквост на жените. ЦИВИЛ во повеќе наврати предупредува дека жените се дискриминирани и малтретирани на работното место, особено работничките во текстилните фабрики кои работат во субстандардни услови за понижувачка плата, а често, и без плата.

Фактот дека жената е предмет на стереотипи и предрасуди, па дури и во учебниците од кои учат децата, е доволен показател за тоа до каде (не) е стигната борбата за рамноправност. Општество во кое домашното насилство се прифаќа како традиција, каде самохраните мајки се сметаат за грешка на општеството, каде сѐ уште се општоприфатени фразите како „возиш како жена“, „збориш како жена“, „сама си го барала“, не е здраво општество кое се бори за правата на жените.

Понатаму, наспроти законските и другите стандарди, кои налагаат правична застапеност, жените не се доволно застапени во раководствата на институциите и парламентот. Дури и онаму каде се застапени во доволен процент, тоа е направено вештачки, односно, зависи од партиската подобност или неподобност на жените.

Поголемиот дел од општеството сѐ уште се води од максимата дека примарното место на жената е во домот/кујната.

Политиките на власта во заминување, уште повеќе ја нагласуваат  нејзината „улога“ на репродуктивен апарат. Во тој контекст е и законската регулација на абортусот, на штета на жените во земјата, скратувајќи им го правото на избор. За сметка на ваквите политики, жените во земјата се ставени во ризична позиција, имајќи го предвид фактот што во дури 35 општини во Македонија, немаат матичен гинеколог!

Ги потсетуваме родителите и педагозите, Осми Март е повеќе од ден кога децата треба да се натпреваруваат кој ќе донесе поскап и повреден подарок на учителките и наставничките.

Борбата за човекови права започнува од дома!

ЦИВИЛ им порачува на сите граѓанки во Македонија силно и гласно да се борат против овие состојби во општеството! Во земјата има многу солидарни соборци, пред сѐ од редовите на граѓанските организации.

Крајно време е да се врати достоинството на жената и сите, солидарно, да се избориме за максимално почитување на правата на жената во Македонија!

 

Green CIVIL

FREE
VIEW