Во Македонија нема социјалниот дијалог, зашто Економско-социјалниот совет речиси и да не фунцкионира. Недостига квалитетна комуникација меѓу синдикатите, работодавците и власта.Отсуствува синдикална активност во компаниите со странски капитал, нема солидарност, зашто силни се забраните за синдикално здружување и голем е стравот на работниците дека ќе добијат отказни решенија доколку се борат гласно за своите права. Ова се дел од причините и проблемите со кои се соочуваат членството во синдикатите на: УПОС, СИЕР, АГРО и СУТКОЗ. Што значи во моментов во Македонија се прават низа прекршувања на работничките права од Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот (МОТ).
Овие се впрочем и причините поради што се уште в.д. претседателот на ССМ, актуелен претседател на синдикатот на СУТКОЗ, Дарко Димовски поради политичките превирања и промената на министрите на МТСП, не е легитимен претседател на ССМ, туку како што велат надлежните во овие синдикати таа функција ја извршува Живко Митревски, кадар близок до ВМРО-ДПМНЕ. Четирите гранкови синдикати кои по превирањата се исклучени од ССМ, најавија тужби против надлежни органи, поради попречување на активностите во остварување на синдикалните права на членството. Ова се дел од поентите од денешната трибина на тема: Каде не’ води сегашниот концепт за социјален дијалог во МК?“ што во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ се одржа во салата на Скопски саем, а што ја модерираше новинарот, Драган Антоновски.
„Праксата покажува дека актуелниот концепт на социјален дијалог, којшто е само на хартија и преку изјави на медиумите, не функционира. ФЕС има покренато иницијатива со овие 4 синдикати, но и со други синдикални организации, што сакаат да се придружат. Слушаме дека таа Повелба на синдикатот се проширува. Локалните самоуправи и владата треба да направат лост за социјален дијалог. Во фирмите со странски инвестиции нема ниту еден официјално формиран синдикат којшто реално дејствува. Тоа е поразувачко, зашто ова е земја во која се пропагира дека има официјален дијалог. Се надеваме дека ние како фондација преку работни групи ќе можеме да оствариме дијалог со работниците, со сопствениците и со синдикатите, сега имаме експертиза во канцеларијата на ФЕС, која што може да даде придонес за тоа, исто така и во приватниот сектор и во јавниот сектор“, истакна Милан Живковиќ, претседател на Фондацијата Фридрих Еберт.
Претставниците на синдикатите говореа и за солидарноста како еден од елементарните стандарди, коишто ги исполнуваат меѓународните синдикални организации. Сепак посочија на големите проблеми во работата на Економско-социјалниот совет.
„Економско-социјалниот совет носи Програма на измени и дополнувања на законските прописи од социјалната сфера, за тековната година. Значи Програма на влада односно на Собрание. Ние тие документи не можеме да ги добиеме, претседателот на Сојузот веројатно ги добива, но тоа останува тајна. Затоа реакциите на работниците и нашите реакции не се на време. Ние немаме информации дали Законот за работнички односи ќе претрпи промена во 2017 година и во кој период ќе биде тоа. Должни сме да следиме политика, поради политиките на Синдикатот. А, ако немаме информација дали овој Закон ќе трпи промени, ние не можеме да дадеме свој придонес и тоа ќе помине така, како што поминаа многу прашања преку Економско-социјалниот совет. А, ние не сме биле соодветно вклучени. Но, ова не е случај со колегите во други земји“, забележа Живко Даневски од синдикатот на АГРО.
Според Пеце Грујоски, претседател на Синдикат на УПОЗ за да се постигнат бараните ефекти од синдикалното организирање, не е потребна поддршката на политичарите, туку синдикатите мора сами да си ги решат своите проблеми, секако со поддршка и на меѓународните синдикати. Според него појавата на т.н. „жолти синдикати“ е причина за неуспехот на социјалниот дијалот, меѓу синдикатите и власта.
„Тоа се синдикатите формирани од работодавци, во коишто премина дел од нашето членство по наредба на работодавците. Еве примерот со директорот што ги казнуваше работниците неосновано, синдикатот излезе со документ дека тој директор нема соодветно образование, и кога изјавата одекна во јавноста, се појави некој синдикат, за кој што никој нема сознанија и вели „синдикатот му дава поддршка на директорот, имаме добра соработка“. Па, колегите во синдикатите добиваат грешен впечаток, дека синдикатот игра двојна улога, еднаш директорот го критикува, а друг пат му дава поддршка. Но, таа забуна е производ на овој т.н. „жолт синдикат“, кој има за цел да го збуни членството“, посочи Пеце Груевски, претседател на синдикатот на УПОЗ.
Моника Талеска