Позитивниот пример за висока граѓанска свест и општествена одговорност кај граѓан(к)ите од Гевгелија кои во неделата на 23 април, масовно излегоа на референдумот и речиси едногласно кажаа „не“ за изградба на рудник од отворен тип, што би имал катастрофални последици по здравјето на гевгеличани, но и по животната средина, ги поттикна и валандовчани да побараат распишување на референдум и во нивниот град.
Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ денеска повика на прв јавен собир со цел да ја посочат нивната загриженост од евентуално отворање на рудник во овој регион.
„Бидејќи ова прашање е надпартиско, надверско и не засега сите до последен, како граѓанска иницијатива ‘Спас за Валандово’ сме должни да ве повикаме на јавен собир за мирно изразување и споделување на мислења и ставови со сите граѓани на Општина Валандово. Ве повикуваме сите, без разлика на верска, национална, политичка или било каква друга определба, сите оние кои сметате дека Валандово не е рударски град, дека Валандово треба да остане земјоделски регион, регион без тешка и загадувачка индустрија, место каде што сакаме да живееме и во иднина, со нашите и вашите деца и внуци“, се вели во повикот на иницијативата.
Собирот е закажан за 26 април (среда) во градски парк „Пеонија”, во 18 часот.
Претходно „Спас за Валандово“ поднесе писмо со барање за референдум до градоначалникот Николче Чурлиновски, претседавачот на Советот, Јасминка Сечкова, и до сите советници во Општина Валандов. Со референдумот, жителите на Валандово, по примерот на Гевгелија, ќе имаат можност да се изјаснат дали се „за“ или „против“ отворање на рудник за бакар, злато и сребро во областа „Казандол“.
„Без оглед на писмените гаранции на инвеститорот ‘Сардич’ дека ќе се запазат сите европски стандарди во процесот на преработка на рудата, сите експерти што ги консултиравме и еколошките друштва од регионот, предупредуваат на сериозни потенцијални закани врз здравјето на локалното население. Тоа предизвика голема загриженост кај најголем дел од граѓаните во општината Валандово. Затоа, од вас како Совет и претседавач, бараме најитно да закажете седница на Советот на Општината, на која бараме единствена точка на дневниот ред да биде референдум, преку кој ќе се овозможи луѓето што се засегнати од отворањето на рудникот ‘Казандол’, да го искажат своето мислење“, се вели во писмото.
Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“, активно води кампања за зачувување на еколошки чистата Валандовска котлина, за разумно и транспарентно располагање со нејзините ресурси и за запирање на сите активности околу работата на рударскиот комплекс за производство на катоден бакар.
Марија Теговска