Земјоделците од Македонија ѝ дадоа 24-часовен ултиматум на власта за исплата на субвенциите. Во спротивно, најавуваат дека ќе го блокираат Скопје. А, земјоделците од Прилеп, Битола, Демир Хисар, Македонски Брод и други населени места од овој регион, бараат итна исплата на парите за субвенциите од минатата година, како и од 2015-та и делумно, од 2014-та година! Во спротивно, тие се закануваат со селанска буна, а за лидер го повикуваат министерот Михаил Цветков. Доколку не се исплатат итно парите, велат дека ќе организираат масовни протести на патните правци Прилеп-Битола и Прилеп-Македонски Брод.
„Доколку министерот Цветков не сака да биде наш лидер, тогаш го повикуваме во нашите канцеларии што ќе бидат отворени на премините на патните правци Прилеп-Битола и Прилеп-Македонски Брод. Изминативе години, Цветков имаше одделна група земјоделци и само со нив преговараше, се среќаваше, заборави дека има други земјоделци во регионот. Сега нѐ манипулира со изјави дека не може да се сретне со надлежните, за да ни се исплатат заостанатите пари за субвенциите“, изјави за ЦИВИЛ Медиа Перо Стојкоски, претседател на Регионалниот земјоделски сојуз „Клас“ од Прилеп.
Тој додава дека на денешната средба, Управниот одбор на сојузот донел одлука и утре да се приклучат кон протестите на земјоделците што се одржуваат пред Министерството за земјоделство во Скопје.
„Земјоделските работи се во тек, нам ни требаат пари за да продолжиме со работа, а живееме само од земјоделство. Згора, субвенциите се пари, коишто ни следуваат со закон, значи, ние не бараме никаква привилегија, туку само државата да си исполни своите обрвски. Не ги прифаќаме изговорите дека државата нема пари, зашто ако нема, има можност да подигнат кредити. А, ние воопшто не сме виновни што не биле обезбедени парите, кои требаше досега да ни бидат исплатени“, реагираат земјоделците од Пелагонија.
На вчерашната прес-конференција министерот Цветков, одговарајќи на новинарско прашање кога ќе бидат исплатени субвенциите, рече дека застојот во исплатата е поради колизијата на законите за избори и за земјоделство и рурален развој, и оти на средба во Министерството за финансии ќе се бара решение на проблемот.
„Се договоривме Платежната агенција до 31 мај да ги изготви решенијата за исплаќање субвенциите од 2016 и да се достават во трезорот за исплата. За 2015 година веќе се доставени и со отстранување на законските пречки, земјоделците ќе ги добијат субвенциите“, рече Цветков, посочувајќи дека за исплата остануваат над 50 милиони евра.
Пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски денеска на прес-конференција посочи дека новата влада веднаш ќе ги исплати субвенциите.
„Само избор на Влада веднаш, е решение за проблемот на земјоделците со субвенциите, што го создаде несовесната, неодговорна и криминална власт во заминување! Новата Влада, веднаш по изборот, ќе ги исплати субвенциите на земјоделците за 2016, како и задоцнетите за претходните години и веднаш ќе обезбеди повисоки и редовни субвенции, согласно законот“, изјави Николовски.
M. Талеска
This post is also available in: English