„5 до12“: И нашите деца можат, ако им се даде можност!

Граѓанската иницијатива „5 до 12“, која за пет дена низ цела Македонија, успеа да собере повеќе од 30 илјади потписи од граѓан(к)и за поддршка за измени во законите за подобрување на состојбата и олеснување на животот на лицата со посебни потреби,  утре изутрина (сабота, 20 мај) повторно ќе постават камп во скопскиот парк „Жена Борец“, за „да бидат слушнати и видени од политичарите“.

„Тука сме да ги повториме и потврдиме ставовите изнесени минатиот месец, кога заедно со нашите деца, кампувавме за да бидеме видени, за конечно да бидеме слушнати. И овој месец, продолжуваме со мисијата која ја почнавме, и не отстапуваме сè до исполнувањето на нашите барања. Овој викенд повторно ќе бидеме со шатори пред Собранието, но во многу поголем број, со целодневна агенда и активности и работилници за децата со посебни потреби“, велат од иницијативата.

На 20 април годинава, за прв пат беа поставени шаторите и беа објавени барањата на иницијативата. „Бараме Собранието итно да ги усвои нашите барања, зашто ние сме оставени на маргините во општеството. Во нашето здружение членуваат над 3.000 семејства, а Фејсбук групата има преку 15.000 поддржувачи. Не смеат и натаму да го игнорираат нашиот крик“, изјави тогаш, во разговор за ЦИВИЛ Медиа, Зоран Мијалков, претседател на здружението „Сплотени срца“.

Едно од најважните барања за иницијаторите е во законите за здравствено осигурување и социјална заштита да се избрише старосната граница од 26 години, со која се дискриминирани повозрасните лица со посебни потреби.

„Барањата во моментов се ревидираат и се подготвуваат во форма на законски и подзаконски акти, и ќе бидат доставени до Собранието и до новата влада. Следните три дена ќе бидеме во 'Жена Парк' со нашите деца, сите различни и сите посебни, да покажеме дека и нашите деца можат! Ако им се даде можност, ако им се обезбедат услови“, велат од иницијативата „5 до 12“.

М. Теговска

Please follow and like us:
Green CIVIL

FREE
VIEW