„Градоначалничката во заминување, Теута Арифи, за време на предизборната кампања најави дека чистата животна средина, а со тоа и дислоцирањето на дивата депонија во Тетово ќе бидат приоритет на нејзината администрација. За жал, четири години подоцна, депонијата сè уште го труе Тетово, и не е изнајдено решение“, вели во разговорот за ЦИВИЛ Медиа, Арианит Џафери, од невладината организација „Еко Герила“.
„За депонијата треба да сносат одговорност повеќе лица, не само од власта во заминување, туку и од претходната власт. Сите тие, градоначалници и избраници на граѓаните, треба да поднесат кривична одговорност за депонијата. Како организација, ние сме кажале дека по ‘Југохром’, како најголем загадувач на Полошкиот регион, локалната власт треба да се зафати со работа за да придонесе за понатамошно намалување на загадувањето, но за жал, од општинските власти досег немало сличен став“, дециден е активистот Џафери.
Тој потенцира дека во дивата депонија се фрлаат различни отпадоци, со најразлични бактерии и можни предизвикувачи на болести.
„Дивата депонија е на самиот влез на градот, на исто место каде се наоѓа фабрика за производство на леб и слични продукти, во близина на пазарот, два шопинг центра и една градинка! Многу е лесно да се види дека тие болести и бактерии се разнесуваат од птици, инсекти, и други животни“, истакна Џафери.
Пред извесен период, во интервју за ЦИВИЛ Медиа, Џафери истакна дека граѓаните треба да создаваат политички притисок врз политичарите или врз нивните избраници, со цел нивниот глас да биде слушнат и земен предвид во носењето одлуки.
„Луѓето треба да знаат дека тие треба да бидат оние кои одлучуваат, а не политичарите. Ние ги избираме политичарите, гласаме за политичари, но на крајот, кога ќе ги избереме, ги избираме за да ни служат. Не избираме кралеви, кои треба да не владеат, а на кои ние само треба да им плаќаме такси, даноци… Ние сме тие што ги креваме горе, ние сме тие што ги спуштаат долу!”, порача Аријан Џафери од тетовската „Еко Герила“.
Од Јавното комунално претпријатие Тетово, уште пред неколку месеци најавија дека до крајот од март депонијата ќе се исчисти, отпадот ќе се собира во посебни контејнери надвор од градот, до изградбата на современ објект во кој ќе се претовара и рециклира тетовскиот отпад, но илјадници тони отпад и последниве неколку месеци се фрлаат на влезот од Тетово
Минатата есен, со настап на тетовската депонија, и музичари протестираа против екстремното загадување на воздухот во Тетово, откако три пати по ред, беа измерени вредности за загадениот воздух – десет пати повисоки од максимално дозволената граница!
Во организација на „Еко Герила“, двајца музичари со маски на лицата, пред публика, која исто така носеше маски, среде депонијата ја изведоа суитата „Воздух“ на Бах, симболично барајќи почист воздух за тетовчан(к)и. Медиумите тогаш објавија дека тетовчан(к)и, минатата година, само 46 денови, живееле во нормални услови во поглед на загаденоста на воздухот, а дури 231 дена, загаденоста на воздухот била над максимално дозволената, со „црн просек“ од 107,9 микрограми ПМ-честички на метар кубен.
Дехран Муратов
Фото: Марија Теговска