Во разговорот за ЦИВИЛ Медиа, младите стружани Јаков Попоски и Марко Гучески од граѓанската иницијатива „Доста“ од Струга, зборуваат за еколошката катастрофа со која се соочува градот, за протестите во организација на иницијативата и за досегашните постигнати резултати.
[embedyt] https://www.youtube.com/watch?v=ksgh_C6LZJ8[/embedyt]
„Струга веќе десетина години има проблем со дивата депонија која се наоѓа на километар воздушна линија од центарот на градот. Најголемиот проблем е еколошката катастрофа, поради тоа што се наоѓа на плодно земјиште, во старото Струшко поле кое има обработлива почва. Во последниве неколку години, се случува намерно палење на депонијата, со што се загадува и воздухот во градот“, вели Јаков Попоски.
Иницијативата „Доста“ организирала протест пред просториите на Општина Струга, каде без претходна најава, веднаш биле примени. На состанокот со локалните власти биле образложени проблемите и дадени конкретни предлози за нивно решавање. Нашите соговорници од иницијативата предлагаат поголема и позасилена контрола на депонијата и досега успеале да издејствуваат вонреден состанок на Советот на Општина Струга, со единствена точка на дневен ред – проблемот со депонијата.
„Ние не бараме било која друга дестинација да биде крајна за ѓубрето, доколку тоа ја загадува и самата животна средина таму. Ние бараме да се изнајде решение како да се заврши оваа приказна. Би сакале да ја видиме Струга како првиот град кој ќе има селективен отпад. Ние бараме трајно решение, за оваа приказна во поглед на заштита на животната средина – да биде завршена“, ни изјави Гучески.
Новинар и монтажа: Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов
Интервјуто е дел од проектот „Општество без граници“, што ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува со поддршка од германската Фондација „Хајнрих Бел“. Целта на проектот е промовирање и едукација на граѓанките и граѓаните на Македонија за „Граѓанската повелба“, глобален документ за унапредување на граѓанските права и на активното учество на граѓаните во процесите на одлучување.