Војо Маневски, долгогодишен новинар, со богато искуство и од СФРЈ и од Македонија, актуелен сопственик на ТВ Ирис од Штип, за ЦИВИЛ Медиа зборува за социјалната правда и за узурпацијата на јавниот простор во Македонија.
„Социјална правда може да има само кога ќе имаме еднаков однос кон средствата за производство. Проблемот во Македонија е што државата економијата и општеството се базираат врз една неправедна формула, таа се нарекува транзиција. Не може да биде транзиција нешто што трае 27 години! Тоа е состојба, а состојбата произведува нееднаков однос“, вели Маневски.
Тој нагласува дека чувството за социјална неправда се рефлектира врз младите во земјата кои бараат излез во некои други општества, кои можеби и не се поправедни, но даваат поголема надеж.
„Ние многу често знаеме да кажеме дека, еве сега, ќе има избори, па новите политичари ќе ни го сменат животот. Тоа едноставно не е можно! Не може никој да смени нешто што има одреден ток, има законитости. Не може никој да нè смени нас, ако ние не се смениме. Сметам дека потребата од синдикално, или левичарско организирање, колку тоа и да изгледа бласфемија, е нужно. Нѝтреба некој кој ќе ги артикулира интересите на луѓето кои се чувствуваат маргинализирани. Ние треба да го подобриме чувството за социјална правда кај најголемиот број на граѓани кои така се чувствуваат“, ни изјави Маневски.
Тој вели дека јавниот простор не е слободно поле.
„Пазарот не ги регулира работите, а не ги регулира затоа што овде влезе волунтаризмот на политиката. Нема подобри и полоши, сите сме ние граѓани на Република Македонија. Узурпацијата на јавниот простор е пропаганда! Ако Пол Круман вели дека маркетингот е можност на грдото лице да му дадете убава шминка, ние правиме негација на таа законитост. Ние правиме потполно ново лице, потполно нова пропаганда, непостоечки свет… И кога се урна, тој се урна заедно со сите социјални последници“, вели Маневски.
„Ние се доведовме во ситуација ПР-формата да е поголема од новинарската. Политичарите сметаат дека светот кој тие го произведуваат е вистината. Со време, почнуваат тие да веруваат, почнуваме ние да веруваме и одеднаш, не ни е важно колку ќе имаме плата на први, или како стои дефицитот во Македонија, туку ни е важно што ќе каже лидерот… Сето тоа е социјална, политичка и новинарска узурпација на јавниот простор“, дециден е Маневски.
Новинар и монтажа: Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов
[divide]
Интервјуто е дел од проектот „Општество без граници“, што ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува со поддршка од германската Фондација „Хајнрих Бел“. Целта на проектот е промовирање и едукација на граѓанките и граѓаните на Македонија за „Граѓанската повелба“, глобален документ за унапредување на граѓанските права и на активното учество на граѓаните во процесите на одлучување.