Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска остро ги осудува нападите на белградски „Информер“ и одделни македонски медиуми врз весникот „Слободен печат“. ЗНМ се солидаризира со колегите од „Слободен печат“ и ги охрабрува да продолжат професионално да ја извршуваат мисијата за точно и навремено информирање на граѓаните.
„Постоењето на слободни и плурални медиуми е основна одлика на секое слободно и отворено општество. Овој напад е еклатантен пример како авторитарните режими во земјите од Западен Балкан ги злоупотребуваат медиумите како пропагандна машинерија за остварување на политички интереси и за пресметка со неистомислениците. Целта на ваквите бескрупулозни напади е да се наруши кредибилитетот на критичките медиуми пред јавноста и да се изврши притисок врз уредниците и новинарите да ја сменат нивната уредувачка политика“, оценува ЗНМ.
Од ЗНМ најавија дека веднаш ќе ги информираат сестринските организации во Србија, Независното здружение на новинарите на Србија и Здружението на новинари на Србија, за непримерените напади на „Информер“ и дека ќе бара српските саморегулаторни тела да ги осудат ваквите нападите врз професионалното новинарство.
Нападите врз „Слободен печат“ изутрината ги осуди и ССНМ.
Редакцијата на весникот вчера реагираше и побара од еснафот и јавноста да ја осудат организираната хајка против медиумот, којшто се бори да ја зачува својата уредувачка автономија. Според редакцијата, нападот „очигледно е последица на медиумската оска на релација Белград – Скопје, која има за цел гушење на слободата на медиумите, пласирање лажни вести и измислени ‘сценарија’ “.
М. Талеска