Алармантна состојба во погоните на +35 степени

Повеќе од 20.000 работници во текстилната индустрија работат на температури повисоки од 35 степени Целзиусови, а работодавачите штедат струја! Сè случува работнички и да колабираат на работно место, особено повозрасни жени и трудници, а инспекциските служби не преземаат ништо!

Текстилна работничка од источна Македонија за ЦИВИЛ Медиа вели дека во средината на јуни поминала рутинска контрола на Трудовата инспекција, ја разгледале најновата колекција на која се работи и си заминале. Попатно, добиле по некој подарок од сопствениците.

„Една блуза вреди повеќе од човечки живот!“, коментирале работничките.

Од здружението „Гласен текстилец“ за ЦИВИЛ Медиа велат дека секоја година, односно секое лето, температурите во конфекциите се неподносливи, и поради слабо или воопшто неклиматизираните хали, лимените покриви и загревањето од машините и пеглите, достигнуваат и над 35 степени.

„Апаратчињата на Инспекторатот покажуваат друго, магија едноставно! Ситуацијата е таква каква што е, но најлошо е што животот на работниците е загрозен на таквите температури, чести се онесвестувања, лошење, покачен крвен притисок... Трудниците и старите лица се особено погодени. И дури, и некоја од нив да падне во бесознание, не се вика Брза помош, туку се ладат со шишиња со вода, се преместуваат на пола саат во магацини или во канцеларии, за да се освежат, и да се вратат пак на машината, за да продолжи производствениот процес. Се работи за човечки животи, а зошто никој не го сфаќа тоа сериозно, останува мистерија! Односно, навикнати сме низ годините, и тоа веќе се смета како нормална појава“, изјавија од ЦИВИЛ Медиа од „Гласен текстилец“.

Тие потенцираат дека секојдневно добивааат повици од жени кои прашуваат што би се случило доколку не останат на прекувремена работа на барање од газдите и шефовите, бидејќи се исцрпени од осумчасовната работа.

„Нам како на здружение, ни се врзани рацете, бидејќи смееме само со претставки до Инспекторатот да реагираме, а однапред го знаеме исходот“, велат од здружението.

Работниците велат дека инспекциските служби постапуваат исклучиво по писмена пријава, која во помалите места, нема ни кој да ја прими бидејќи не постои архивска служба, а инспекторите се наводно постојано на терен.

„Постојано апелираме до надлежните за злоупотреби, постојано за неплатени прекувремени часови, за работа во недела или празник, за лоши услови и за неосигурани работници кои се и нелојална конкуренција на пазарот на труд.  Од први август ќе започнат во повеќето конфекции годишните одмори што се пресметуваат заедно со неработни денови и празници, па така, работниците користат околку четири до пет дена годишен одмор! Апелираме и до работниците да пријавуваат, сепак е 21 век, време е да прекине тој нехуман однос!“, апелираат од „Гласен текстилец“.

Маја Ивановска

Please follow and like us:
Green CIVIL

FREE
VIEW