Во свет каде што насилството принудува илјадници семејства секојдневно да ги напуштат своите домови, да бегаат за да преживеат, одбележувањето на еден прогласен светски ден, како што е 20 Јуни, Светскиот ден на бегалците, е многу повеќе од обична церемонија.
На овој ден се одбележува силата, храброста и упорноста на милиони бегалци, како и пречките со кои се соочуваат секоја година.
Обединетите нации објавија Извештај за мигрантската ситуација во светот на крајот од минатата година, во којшто се наведува дека бројот на присилно раселените лица достигнал рекордни 65,6 милиони лица.
Во периодот од 2013–2017 година, над еден ипол милион бегалци поминаа низ Македонија, на патот кон Европа. Неколку десетици ги загубија своите животи на пругите низ Македонија. Ниту системот, ниту ние, граѓаните, не бевме доволно подготвени да им пружиме соодветна помош, а празнината ја надополнија хумани луѓе кои самоиницијативно им помагаа на овие лица, на патот кон побезбеден живот.
Зоран Дранговски, претседател на Македонското здружение на млади правници, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека Македонија мора да го надгради и усоврши системот за азил и миграција.
„И покрај фактот што Балканската рута е затворена, ние секојдневно се соочуваме со луѓе кои се обидуваат да ја преминат границата со Грција. Дури и една година по затворањето на рутата, ние ги чувствуваме последиците. Европската унија мора да разбере дека таа рута не може да се затвори, тоа е рута на животот, рута по која луѓето бараат подобар живот“, вели Дранговски.
Според податоците на невладината организација „Легис“, во моментов, во Република Македонија престојуваат 13 лица во пограничниот Прифатен центар во Гевгелија на јужната и, околу 30 лица во Транзитниот центар во Табановце на северната макеоднска граница. Во Прифатниот центар во Визбегово, во Скопје престојуваат три лица, а тричлено семејство со стекнато одобрение на барање за азил е во процес на адаптација и интеграција во нашето општество.
„… Затворените граници само ја поттикнуваат нерегуларната миграција и зголемената мобилност на организирани групи кои вршат криумчарење, а притоа, не се гаранција за безбедноста на луѓето. Како аргумент повеќе, се податоците кои ги поседуваат институциите за меѓуграничниот премин на северната граница, каде што речиси секојдневно пристигнуваат луѓе како резултат на неимплементацијата на билатералните договори за реадмисија. Во јавноста не се зборува за овие практики, а што се однесува до статистички податоци за ирегуларната миграција, „Легис’ објави извештај, а веруваме дека и институциите имаат некои податоци во оваа област“, стои во соопштението на „Легис“.
Од „Легис“ велат дека бегалците се задоволни од условите за сместување, но не и од тоа како се третирани, сакаат поголема слобода на движење, подобра храна и да заминат во некоја западна земја. Децата имаат потреба да го продолжат своето образование. Годините им минуваат тука, и губат од школувањето.
„Последен пример е кога се пожали единствениот Сириец кој остана во кампот, поради долгите процедури за обединување со неговото семејство во Германија. Вкупно 5 луѓе чекаат за обединување со нивните семејства во оваа држава. Во кампот вкупно има 7 деца и сите сакаат да се социјализираат со други врсници, никој не сака да биде изолиран како во карантин“, велат од „Легис“.
Еден од најголемите проблеми кои ги посочува оваа организација е фактот што Република Македонија веќе подолго време има проблем со законската рамка за баратели на азил или привремена заштита, како и со низа комплементарни закони кои произлегуваат од социо-економските, здравствените, политичките и други основни права кои ги гарантира со ратификација на меѓународни договори и конвенции. Оттука, ограничувањето на слободата на движење за навистина мала бројка на луѓе, кои спротивно на нивната волја, се заглавени помеѓу граници и бирократски процедури за кои мора да се најде соодветен и побрз начин на обединување на луѓето со нивните семејства. Особено затоа што големиот број на деца кои престојуваат во привремени објекти речиси година и половина, понатаму можат да се соочат со различни социјални и здравствени проблеми. Прифатниот центар во Визбегово располага со капацитет од 150 легла, односно, може да обезбеди услови за сите луѓе кои престојуват во камповите.
Покрај нив, веќе осумнаесет години во Македонија без решен правен статус, живеат повеќе од 150 бегалци од Косово, без егзистенција, без здравствена заштита, без можност за добивање на матични броеви за нивните деца и без можност за остварување на какви било други права.
Народниот правобранител Иџет Мемети, во своето денешно соопштение, ги повика надлежните институции „на целосно почитување на правата на овие лица, согласно меѓународните документи и особено Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951, како и Протоколот од 1967“. Истовремено, Мемети бара поголема солидарност со бегалците, во обид да се зачува нивното човекчко достоинство и да се почувствуваат повторно безбедни, сигурни и прифатени во новата средина.
Ленче Здравкин, една од хуманите граѓан(к)и кои изминативе години секојдневно им помага на овие несреќни минувачи, во неодамнешното интервју за ЦИВИЛ Медиа, вели дека на ваков чекор ја натерал животот покрај пруга. Таа била соочена со секакви рекации за својата работа.
„На самите почетоци се создаде ксенофобија меѓу граѓаните дека тоа се болни луѓе, дека носат заразни болести, дека се терористи… Се борев и со тоа, но мислам дека успеав, можеби не доволно, но она што можев јас самата да го направам, го направив. Оние луѓе што изразува негативност кон бегалците, се трудев да ги соочам, очи во очи со бегалецот, да видат што значи еден бегалец, еден паталец, да видат едно момче кое можеби е доктор на науки или професор, меѓутоа ‘силом прилике’, морал да бега… Бидејќи, веќе нема дом, нема каде да живее, негвото семејство изгорело, сè е пеплосано. Како ги сочуваав моите соседи, пријатели – со бегалците, за многу кратко време го менуваа мислењето и ми се приклучуваа кон помошта“, рече Здравкин.
Маја Ивановска