Богданци кажа НЕ за рудниците!

Граѓанките и граѓаните на општина Богданци со огромно мнозинство кажаа НЕ за рудниците на референдумското изјаснување денеска. Излезноста беше 60,78%, или 4,205 од вкупно 6.918 регистрирани гласачи во општината. На прашањето „Дали сте за продолжување на изградбата на рудникот Казандол?“, 4,120 граѓанки и граѓани се изјаснија против, а само 71 се за. На прашањето „Дали да се дозволи отворање на други рудници во општина Богданци?“, 4,126 гласале против, додека само 66 гласале за.

Локалните власти се должни да ја почитуваат волјата на граѓанките и граѓани.

Набљудувачите на ЦИВИЛ – Центар за слобода од терен нотираа помали и очекувани проблеми.

Над 10 граѓанки и граѓани не можеа да го остварат своето право, затоа што ги немаше на Избирачкиот список.

На едно избирачко место се нотира дека УВ-ламбата не работела.

Набљудувачите на ЦИВИЛ известуваат и за недоволна обученост на дел од членовите на избирачките одбори.

Се нотираат и притисоци. Во последните 24 часа, повеќе граѓанки и граѓани на Општина Богданци добиле телефонски повици од активисти на ВМРО-ДПМНЕ да не излезат на денешното референдумско изјаснување, или да се изјаснат во полза на отворање рудници, односно на продолжување на работата на рудникот во Казандол.

Иако иницијативата „Спас за Богданци“ е поддржана од  Советот на Општината, односно, од сите партии, како и од организациите на граѓанското општество, сепак, притисоците против успехот на референдумот се евидентни, со што станува очигледно дека партиските структури на локално и на централно ниво имаат различни позиции по ова прашање.

Во изјавата за медиумите, непосредно по затворањето на избирачките места, Џабир Дерала, во името на ЦИВИЛ – Центар за слобода, им честиташе на граѓанките и граѓаните на Општина

Богданци за успешно спроведениот референдум.

Како и на референдумот во Гевгелија, ЦИВИЛ беше единствената национална организација која го набљудуваше референдумот во Богданци со 14 акредитирани набљудувачи. Во тек се подготовки за референдум во Валандово.

Please follow and like us:
Green CIVIL

FREE
VIEW