Иницијатива за изјаснување и за рудникот Иловица

Здружението „Здрава котлина“ започна кампања против изградба на рудници и во струмичкиот регион. Граѓанските активисти бараат од Општина Босилово да донесе одлука за референдумско изјаснување на граѓаните за рудникот што треба да се гради над селата Иловица и Штука, кој е веќе во фаза со започнување на работа!

Совет на Општина Босилово се прогласил за ненадлежен, но оставил простор граѓанските активисти да ја започнат постапката со собирање на потписи. Граѓанските активисти треба да соберат 100 потписи, односно 20% потписи од граѓаните со права на глас за распишување на референдумот. Тие сметаат дека граѓаните не се доволно информирани за овој проект и за неговото влијание врз животната средина.

Во наоѓалиштето за бакар и злато Иловица, концесија за експлоатација добила компанијата „Еромакс“, и тоа на 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони на злато и бакар, според проценките за ископ во наредните 23 години, со 400 вработени.

Иницијативата за референдумот во Босилово, доаѓа по одлуката на Советот на Општина Дојран, на 23 јули граѓаните да се изјаснат дали се за или против рудниците, а по успешните референдуми во Гевгелија и Богданци за изградбата на рударскиот комплекс во Казандол. Во Валандово се очекува оваа недела Советот конечно да донесе одлука за распишување на референдум, во спротивно, од здружението „Спас за Валандово“, кое веќе организираше блокади на патиштата, најавуваат и нови протести и радикализирање на незадоволството, со оглед на обезбедените услови за остварување на граѓанското право за или против рудниците.

По успешниот референдум, Општина Богданци официјално ја повлече дадената согласност за изградба на рудникот Казандол, а одлуката ја достави до Владата и до надлежните министерства.

Двата успешни референдума во Гевгелија и Богданци беа мониторирани од тимот на ЦИВИЛ-Центар за слобода, што нотираше помал број на нерегуларности за работата на избирачките одбори и на Општинаската изборна комисија и доволна информираност на граѓаните за остварување на нивното гласачко право.

 

Green CIVIL

FREE
VIEW