Платформата за родова еднаквост бара широка дебата за унапредување на законите кои задираат во правата на жените

Дваесет и две организации и мрежи кои се дел од Платформата за родова еднаквост го поздравија отворањето на прашањето за измени на Законот на работни односи, кој во голема мера третира прашања од интерес за правата и статусот на жените и родовата рамноправност: „Бараме од Собранието на Република Македонија, при измени или носење на законски решенија кои задираат во правата на жените и родовата рамноправност, задолжително да се разгледуваат од Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, со гарантирано учество на експертите и граѓанските организации кои работат на овие прашања“

Според овие организации, отвореноста на Собранието да дискутира за потребата од законски измени поттикнати од граѓански иницијативи е добар исчекор кон зголемување на неговата транспарентност. Во отворено писмо тие укажуваат на неколку аспекти кои се од суштинско значење за демократските процеси, начинот на креирање политики и на носење на одлуки.

„Бараме почитување на законски пропишаните процедури за прифаќање и разгледување на граѓански иницијативи кои се однесуваат на измени на закони. Според Член 67 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, парламентот е надлежен да ја утврди пред сѐ уредноста на поднесената иницијатива, без да навлегува во материјална расправа за истата. Сметаме дека од формално - правен аспект овој член не се испочитува во целост во расправите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците (одржана на 6 јуни 2017) и Законодавно-правната комисија (одржана на 7 јуни 2017) заради навлегување во материјална расправа која понатаму доведе до реакции во јавноста на различни засегнати страни“, се вели во писмотона невладините организации.

„Материјалната расправа за прашањето кое го третира граѓанската иницијатива не смее да се одвива во услови на неформирани работни тела во чија надлежност се законите кои ги уредуваат прашањата на отсуство од работа заради бременост, раѓање и родителство. Бараме во најбрз можен рок да се формираат сите работни тела, особено Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, со паритетно учество на пратеници и пратенички (сооднос 50%:50%), каде ќе може да се отвори широка дебата за унапредување на законите кои ги уредуваат прашањата на отсуство од работа заради бременост, раѓање и родителство“, сметаат од Платформата.

„Бараме од Собранието на Република Македонија, при измени или носење на законски решенија кои задираат во правата на жените и родовата рамноправност, задолжително да се разгледуваат од Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, со гарантирано учество на експертите и граѓанските организации кои работат на овие прашања. Притоа, одлуките треба да се носат врз основа на аргументирани анализи и исцрпни дебати кои ќе водат кон најсоодветни законски решенија во корист на граѓанките и граѓаните, а соодветствуваат на комплексноста на материјата која ја регулираат законите“, заклучуваат од Платформата за родова еднаквост.

Оттаму очекуваат да бидат активно вклучени во расправите на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и сите собраниски расправи поврзани со менување или со носење на нови законски решенија и политики кои ги засегаат женските права и родовата рамноправност.

Please follow and like us:
Green CIVIL

FREE
VIEW