Министерот за финансии Драган Тевдовски, на средба со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и со претставниците на синдикатите, изјави дека во ребалансот на Буџетот е предвидено зголемувањето на минималната плата на 12.000 денари, онака како што новата Влада вети во својата изборна програма.
Конструктивни разговори за утврдување на минималната плата, министрите ќе имаат и со претставници на организациите на работодавачите и на коморските здруженија, но ќе се разговара и за други сегменти битни за почитување и заштита на работничките права.
Министерот Тевдовски изјави дека условите за минимална плата ќе важат за сите сектори, а предвидена е дополнителна помош во Буџетот за најсиромашните сектори, според дополнителна оценка.
Без политички притисоци и големи казни, работодавачите им ветија на министрите дека се отворени за соработка и покачување на платите во интерес на работниците.
За потсетување, Бранимир Јовановиќ, граѓански активист, кој стана дел од тимот на министерот Тевдовски, во интервју за ЦИВИЛ Медиа изјави дека Македонија е европски рeкордер во сиромаштија, дека граѓаните живеат во социјална неправда и дека тоа се должи на фактот за енормните даночни стапки, околу 35%, што работниците на минимална плата ги плаќаат на државата. Јовановиќ изјави дека Македонија има лоша државна регулација, што подразбира реформа во даночниот систем.
Во очекување на промени во заеднички интерес на работниците и работодавачите, министерот Тевдовски довербата во јавноста ја гради и со еден од првите чекори на Министерството, неселективен поврат на ДДВ, а во соработка со министерката Царовска и со придонес кон подобрување на општествено-социјалниот статус на граѓаните во Македонија.